
Националните телевизии бараат кабелските оператори да ги почитуваат авторските права
Паушален незаконски хир. Вака Македонската Медиумска Асоцијација ја оцени заканата на кабелските оператори да го прекинат реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали. Директорите на петте национални телевизии побараа операторите да бидат општествено одговорни и да ја преиспитаат оваа, за нив, апсурдна и неразбирлива најава.
Петте телевизии ги гарантираат авторските права 24/7 , како и тоа дека на нивните канали нема пиратерија. За се` што емитуваат, поседуваат договори за законско право за емитување и тоа го гарантираат под морална и кривична одговорност.
Ја повикаа и делегацијата на Европската унија, директно да каже дали навистина се залага за тоа, да им се дозволи на кабелските оператори да продолжат со пиратерија. Укажуваат дека, Македонија е единствената држава во Европа во која безмислосно се пиратираат десетици канали и не се почитуваат авторските права и правата на интелектуална сопственост. За каква нелојална конкуренција се работи, Кировски го посочи примерот со врз шоуто на Елен Деџенерис, од кое беа пиратирани двесте епизоди, за кои телевизијата има откупено ексклузивни права, како и со ракометното првенство.
Од Асоцијацијата бараат оставка од директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, поради лажните изјави дека законот е донесен во нетранспарентна и брза постапка. Потсетуваат дека, законот за АВМУ е донесен во 2018 година, со претходни шестмесечни јавни расправи и дебати, а беше поставен и на ЕНЕР. По барање на кабелските оператори, да им се даде време од два месеци да се подготват за законот, е ставен амандман, тој да стапи на сила откако ќе се избере нов Совет на АВМУ. Бидејќи со изборот се доцнеше, а во меѓувреме помина цела година,амандманот е тргнат, а законот стапи на сила.
Потсетија и дека, со новиот закон, директорите на кабелските оператори ќе сносат морална и кривична одговорност за пиратеријата.
За кршењето на авторските права, се поднесени десетици пријави, но Обвинителството не постапува по нив. Од националните телевисии велат дека, дваесет години се обидуваат да најдат заеднички јазик со кабелските оператори, но никако да дојдат до решение и дека е време, да се стави крај на ова беззаконие.
Од Сојузот на стопански комори ги потсетија кабелските оператори и дека, не можат туку-така да ги исклучат националните телевизии од програма. Имаат потпишано договори, за чие раскинување мора да се почитуваат законите и договорните односи. Во периодот во кој ќе бидат затемнети екраните, мора однапред да ги известат и корисниците, ако треба и да ги раскинат договорите, а не да не им фактурираат сметки,како што планираат.
Далиборка Цветановска