Милошоски бара проверка на безбедносните камери за да се утврди кој бил во кабинетот на Заев во мај лани

Антионио Милошоски денеска во Обвинителството за гонење на организиран криминал ја предаде аудио снимката од разговор на екс премиерот Зоран Заев, која викендов ја објави на прес конференција во седиштето на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски вели дека укажувачот кој му ја доставил снимката и транскриптот тврди дека на средбата било едно лице опфатено со случајот „Рекет“, додека Заев кажа дека се сомнева во некои пратеници кои ги снимале на средба. Токму затоа, според Милошоски, Заев треба да биде повикан во обвинителството да даде изјава.

Милошоски останува на ставот дека укажувачот е анонимен, и тоа било нотирано и во записникот изготвен кај обвинителката Вилма Рускоска. Тој тврди дека не темпира со објавувањето на овие снимки токму пред изборите туку дека ги објавил многу брзо откако ги добил. Милошоски додаде дека не располага со други материјали.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев потврди дека гласот на снимките е негов, но негираше дека договарал таква разврска и тврди дека само ги коментирал одлуките на Врховниот суд. Од обвинителството пак соопштија дека снимките ќе бидат дадени на анализа за да се утврди дали може да бидат користени во носење на јавно-обвинителска одлука.

Огнен Чанчаревиќ

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ