ВМРО-ДПМНЕ повикува на граѓански протест

Преку протестот кој утре ќе започне од пред Јавното обвинителство до Врховниот суд опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе упати порака за почитување на правдата и ќе се спротистави на кршењето на Уставот и законите. Ќе побара одговорност од лидерот на СДСМ Зоран Заев за разговорот кој го објавија, а во кој се слуша гласот на Заев, за кој тврдат дека се мешал во одлуките на судската власт. Претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски вели дека во снимката има јавно признание на Заев за злоупотреба на службената положба диктирајќи одлуки на Врховниот суд.

Контактиравме и со Заев, но тој одби да разговара на оваа тема. Неговата партија смета дека со објавена снимка се докажува спротивното, нивната борба против криминалот и корупцијата.

Антонио Милошоски утре е повикан во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ги предаде материјалите, кои вчера ги објави на прес-конференција кога обвини дека Заев заедно со Јово Вангеловски и со Катица Јанева средувал и договарал поништување на случаите на СЈО. Заев потврди дека гласот на снимките е негов, но негираше дека договарал таква разврска и тврди дека само ги коментирал одлуките на Врховниот суд. Откако ќе бидат предадени снимките, ќе бидат дадени на анализа за да се утврди дали може да бидат користени во носење на јавно-обвинителска одлука, ни одговорија од Обвинителството.

Реакции имаше и од осумте независни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ , од Алијансата за Албанците и БЕСА за наводите на Заев дека снимката потекнува од времето кога се воделе преговори за Законот за ЈО. Бараат од партиите да не ги инволвираат во нивната политичка борба. Тврдат дека ваков разговор со Заев никогаш немале.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ