
Коронавирусот во Италија ќе стави клуч на кумановските фабрики за чевли – минималецот на текстилните
Корона вирусот во Италија може да стави клуч на кумановските фабрики за чевли, алармираат бизнисмените. Домашните чевларски компании соработуваат со италијанските кои се токму во оној дел каде забрзано се развива вирусот. Велат ако состојбата во Италија експалира, може да дојде до прекин на соработката, а тие друг резервен пазар немаат.
Во најлоша состојба сега моментално е кумановското стопанство, таму е кожарската индустрија многу развиена и не знам ако се случат сега проблеми со корона вирусот во Италија верувајте дека може целосно да запре целата индустрија, вели Ангел Димитров, претседател на Здружение на текстилна и кожарска индустрија при СКМ.
Велат колапс и масовни отпуштање на работници, се заканува и на текстилната индустрија, ако властите не се откажат од уште едно вештачко зголемување на минималецот.
Нивото на продуктивност на оваа индустрија е прилично мала па оттука и платите во оваа индустрија во ваква состојба не можат едноставно да бидат поголеми и уште помалку не може да бидат поголеми преку некои институционални решенија од типот на зголемување на минималната плата. Бидејќи оваа индустрија на ова ниво на продуктивност веќе се наоѓа на раб на егзистенција, вели Дарко Лазаров, универзитетски професор.
Бројот на работници во текстилната индустрија се намалува што поради пензионирања и неможност да го возобноват кадарот, што поради иселувањето. Но клуч на врата и отпуштања предизвикала и зголемената минимална плата. Бизнисмените се категорични дека не можат да понудат повисоки плати од просечни 17.000 денари.
Младите гледаат што се случува во развиениот свет, гледаат колку се заработува. Не дека таму се многу среќни. Ние можеме да дадеме максимум плата колку што е до нула профит. Но никој нема од газдите, не само во текстилот и во другата индустрија да вади од веќе стекнатиот профит и да ги зголемува платите. Значи мора платите да се заработат, вели Димитров.
Алармантно според Димитров е тоа што и газдите се откажуваат од текстилниот бизнис – се преориентираат во други бизниси. Тие бараат реформи во образованието и економијата и справување со сивата економија, но и со митото и корупцијата во земјава.
Александра Филиповска