
„Растодер“, чиј бренд се бананите во кој беше спакуван кокаинот, тврди дека е злоупотребена
По објавата за заплената на еден килограм кокаин во скопското село Крушопек, скриен во пратка со банани од марката „Дерби“, се огласи сопственикот на овој бренд, словенечката компанија „Растодер“, која тврди дека била „цел на злоупотреба од страна на криминален картел“.
Компанијата „Растодер“ во својата реакција истакнува дека уапсените од страна на македонската полиција во врска со овој случај, не се поврзани со неа. Полициската истрага не го таргетира „Растодер“, се наведува во соопштението на словенечката компанија, при што се додава дека „меѓународни криминални организации очигледно ги злоупотребуваат трговските рути од Јужна Америка за нивните противзаконски активности“.
Компанијата оценува дека и таа била една од многуте фирми за трговија со овошје и зеленчук, кои се злоупотребени од страна на шверцерите на наркотици.
Во акцијата на македонската полиција во Крушопек, при која беше запленет кокаинот, беа приведени четири лица. По заплената полицијата отвори истрага за правното лице во чии простории беше пронајдена дрогата, како и за евентуална вмешаност на други физички и правни лица во случајот.