Законот за јазици ќе се изгласа наредната недела?

Наредната недела Законот за јазиците повторно ќе се најде пред пратениците и се очекува да биде изгласан заради доброто на Република Македонија, смета вицепремиерот за евро-интеграции Бујар Османи. Вели дека оваа Влада уште на почетокот решила да се справи со три големи пречки на евро-интегративниот пат: лошите односи со Бугарија, спорот со името и употребата на албанскиот јазик. Ги потсетува скептиците дека по потпишувањето на договорот, Бугарија стана нашиот најголем евро-спонзор.

„Јас сум убеден ако ја покажеме истата посветеност и храброст и го донесеме законот, а убеден сум дека ќе го донесеме законот во наредните денови, меѓуетничките односи ќе ни бидат најголемата потисна сила за евро-атлантски структури и ќе остане уште спорот со името. Алудирам на сите што со амандмани сакаат да го блокираат законот“, кажа Бујар Османи, Вицепремиер за европски прашања

Овој закон два пати беше гласан со мнозинство од 69 пратеници, потсетува Османи и отфрла било какви идеи за менување на текстот на законот.

„Овој закон не ги претставува почетните позиции на партиите, ова е продукт на компромис со двете партии на Македонците, редок пример на консензус. Каков пример ќе дадеме ако сега покажеме слабост?“

Вицепремиерот не верува дека донесувањето на Законот може негативно да се одрази врз разговорите со опозицијата околу реформските закони.  Смета дека би било детинесто доколку ВМРО ДПМНЕ „се налути“ и не гласа за реформи.

„Колку би било неодговорно од една партија да рече дека ако се налути, ќе ја казни државата и иднината на граѓаните. Нека кажат јавно дека ќе ги попречат реформите во правосудството бидејќи тераат инает заради Законот за јазиците. Граѓаните очекуваат таков пристап“.

Пред три дена, Законот за јазиците беше ставен на дневен ред, но седницата не се одржа поради барањето на СДСМ да му се даде шанса на дијалогот. Од партиите велат дека лидерска средба нема да има, но разговори – има. Спикерот Талат Џафери им дад рок од една недела да се договорат, по што, седницата ќе биде закажана а тој ќе постапи, како што вели, во согласност со Уставот и со Деловникот.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ