Грешките при употребата на македонскиот јазик се поради наметнувањето на скопскиот говор

Грешките при употребата на македонскиот јазик во јавноста и во медиумите се резултат на наметнувањето на скопскиот говор како престижен, рекоа од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, денеска кога се одбележува Мегународниот ден на мајчиниот јазик. Со цел тие грешки да се надминат, од Инститот најавија обуки за новинарите и за јавноста. Од оваа научна установа сметаат дека е потребно подигање на свеста за значењето на македонскиот јазик и за почитување на неговите норми, а тоа ќе се постигне ако се почне во семејството.

Институтот за македонски јазик „ Крсте Мисирков“, со обуки ќе ја подобрува употребата на македонскиот јазик во јавноста и во медиумите зашто, како што велат, најмногу се греши во правописот и во правоговорот поради наметнувањето на скопскиот говор како престижен.

  • Скопскиот се постави како говор со престиж. И тој е виновен таму каде што грешиме. Меѓутоа и тој е еден од говорите, макар градски, урбан во Македонија. За тоа, конкретно за новинарите , Институтот за македонски јазик планира да направи обуки и за сите други луѓе што се занимаваат со ПР, за да можеме на тој начин да ја подигнеме јазичната култура, прво на новинарите, а потоа и на граѓаните, рече Елена Јованова- Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „ Крсте Мисирков“.

Потребно е подигање на свеста за македонскиот јазик низ почит кон стандардно – јазичните норми, особено во ова време на доминација на англискиот јазик преку интернетот и социјалните мрежи. Нашиот јазик, кој со структурата и семантиката достигна високо ниво треба да се заштити. А , за тоа, најважна е улогата на семејството.

  • Од родителите, од градинката, од создавање љубов кон сопствениот јазик, во овој случај кон македонскиот јазик. Така што ако сите заедно настапуваме, тогаш сите ќе си најдат простор, каде може да се негува македонскиот јазик и колку ние сеуште треба да вложуваме, изјави проф. Снежана Веновска- Антевска.

Град Скопје, низ Програмата за култура подржува печатење книги на македонски и албански, како два официјални јазици во државата, рече градоначалникот Шилегов на денешното чествување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, каде ученици говореа песни на 16 јазици, од сите етнички заедници. Забелешките на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик се испратени до Министерството за култура, Владата и до Собранието, рекоа од Институтот за македонски јазик.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ