
Објавен јавен повик за изградба на ХЕ Чебрен по пат на јавно-приватно партнерство
Владата денеска објави меѓународен јавен повик за изградба на хидроелектраната (ХЕ) „Чебрен“ на Црна Река по пат на јавно-приватно партнерство. Јавен партнер во име на државата ќе биде АД ЕСМ, кое како влог ќе понуди изградба на пристапниот пат до електраната, приклучокот на мрежата, односно трафостаницата, како и хидроелектраната „Тиквеш“, а приватниот партнер ќе треба да ги обезбеди предвидените најмалку 570 милиони евра за изградба на електраната.
Предвидено е хидроелектраната „Чебрен“ да има инсталирана моќ од 333 мегавати и да има годишно производство од 1.000 гигават часови електрична енергија, односно една четвртина од постојното годишно производство на АД ЕСМ. Јавниот повик ќе биде отворен до 3 април, а дури седум реномирани странски компании пројавиле првичен интерес за да ја подигнат претквалификациската документација која во оваа фаза е бесплатна.
За најдобар понудувач ќе биде избран оној кој на АД ЕСМ ќе му понуди што поголем удел во заедничката компанија. Тој ќе ја добие концесија од 60 години за да управува со новоизградената електрана.
Владата го трасира патот на енергетската транзиција со изградба на капацитети со доминантно производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. ХЕ Чебрен ќе биде од огромно значење за балансирање на енергетскиот систем на земјава и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регулираниот пазар, рече премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција во Владата.
Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски оцени дека со објавувањето на јавниот повик се прави сериозен и издржан чекор во правец на реализација на ХЕ „Чебрен“ за кој, како што рече, е сигурен дека може да се спроведе и дека државата има политичка волја, но и стручна подготвеност тоа да го спроведе.
„Чебрен“ ќе ни овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен и базната енергија постепено да ја супституираме со производство од оваа голема хидроцентрала. Кога ќе почне да работи ефектот ќе биде 913 илјади тони годишно помалку јаглерод диоксид испуштен во атмосферата, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека новата економска анализа со новите услови на пазарот што ја изработи ИФЦ покажала дека проектот е исплатлив, а испитувањето на пазарот потврдило дека сериозни компании од регионот и од Европа се заинтересирани за изградба на ХЕ „Чебрен“.