Пасоши „ни за лек“, ќе добиваат само оние на кои им треба за лек

Никој веќе не одговара на телефонските повици доколку сакате да закажете да извадите нов пасош. Тоа е првата мерка на МВР за справување со пасошката криза.

Заклучивме (н.з. Управувачкиот комитет во МВР) да се стопира пријавувањето за вадење нови патни исправи, односно привремено да се забрани аплицирањето, потврди министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Чулев тврди дека го бара решението, но проблемот е што предоцна се нарачале нови обрасци. Тврди дека грешиле и магацинските служби, затоа што во декември на Спасовски му пишале дека имаат над 88 илјади пасоши, а во јануари еден месец подоцна на Чулев му одговориле дека има само 27 илјади пасоши за до март.

Во моментот има помалку од 3 700 патни исправи, а пријавени со се сликање и исплата има 16, 5 илјади граѓани кои чекаат државата да ги услужи. Редот кој ќе добие пасош го прави МВР- а предност ќе се дава по здравствени потреби.

Ќе се издаваат за итни медицински потреби, нагласи Чулев.

Нови обрасци за патни исправи со старото уставно име треба да стигнат најдоцна на 24-ти март иако германската фирма Веридос иако не писмено ветила дека ќе гледа да побрза и да го скрати периодот за најмногу две недели. Чулев смета дека станува збор за државен проблем иако владата не се согласила да направи комисија на повисоко ниво.

Владата не покажа разбирање и го префрли тоа на службите во МВР, вели техничкиот министер за внатрешни работи.

Чулев денеска рече дека и Спасовски помагал за надминување на проблемот иако го обвини за пасошката криза. Досега никој не е посочен како одговорен за проблемот поради кој граѓаните останаа извисени за патни исправи.

Од друга страна Чулев подготви извештај за набавките на патни исправи кои ги оцени како незаконски и го испрати во обвинителство.

Денеска презентираше и друга истрага дека за набавка на 3 илјада пари чизми за полицајците Спасовски и неговите соработници наместо да ја прекинат соработката со фирмата добавувач поради неисполнети рокови и неквалитет на обувките- ја продолжиле испораката наместо да ја наплатат банкарската гаранција.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ