Полицајци ги следеле додека Милевски се среќавал со блиски луѓе на Заев, а Боки 13 со Катица Јанева

Снимка на која се гледаат неколкумина мажи седнати во кафеана го отвори прашањето на денешното рочиште за „Рекет“. Дали сега веќе осудениот Зоран Милевски Кичеец бил на средба со блиски луѓе на Заев. На судењето беа презентирани видеата снимани од полицајци кои ги следеле обвинетите, но снимката беше нејасна за јавноста.

По ова на паузата пред новинарите обвинетитот Јовановски тврдеше дека се работи за братот на поранешниот премиер Вице Заев и неговиот адвокат Ване Андреев.
Обвинителката Вилма Рсуковска вели дека на снимката не ги забележала посочените, но и дека никој од истражителите не ја известил.

Во исто време беа пуштани и снимки од следењето на Бојан Јовановски кои откриваа дека на 1 и 6 јули, само десетина денови пред апсењето, Боки 13 бил на гости кај Катица Јанева. Следејќи го полицајците дошле до улицата Стрезвоска бр 20 во Козле каде живееше Јанева додека беше специјален обвинител.

Инаку одбраната на Бојан Јовановски приговараше што објаснувањето во извештаите напишани од полицијата, за она што се гледа на посебните истражни мерки не соодветствуваше со снимките. Инаку Кичеец и Боки 13 биле следени од 21 јуни па се до нивното апсење на 15 ти јули лани. Таков налог дало обвинителството кое се сомневало дека додека се под истрага тие може да побегнат.

На едно од претходните рочишта беше прочитана комуникација меѓу Боки 13 и Заев во која тогашниот премиер му кажува дека ги видел доакзите, дека е разочаран и дека се работи за чист рекет. Со ПИМ мерките обвинителството завршува со неговите докази по што утре ќе започне изведување на докази на обвинетите.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ