Заврши расправата за Советот за јавни обвинители, ќе се гласа утре

Собранието попладнево ја заврши расправата по Законот за Советот на јавните обвинители , но не гласаше иако имаше услови за тоа, поради тоа што, како што рече претседателот Талат Џафери, тој е во тесна врска со законот за јавно обвинителство, за кој расправата, исто така е завршена, но не беше обезбедено двотретинско мнозинство за да биде донесен.

Продолжението на оваа 135-та седница Џафери го закажа за утре во 11 часот, кога треба да се гласа и за двете точки. За утре е закажана и седница на која треба да се распушти Парламентот, за да се одржат предвремените парламентарни избори.

Расправата помина со меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата за партизирање на правосудните органи, за тоа кој направил државата да биде заробена или да има хибриден режим. За пратениците од власта ова законско решение е добро, ќе го подобри работењето на Советот за јавни обвинители. Со тоа, рекоа, ќе се унапреди функционирањето на правдата и правната држава. Нивните колеги од опозцијата сметаат дека ова е решение кое се носи за, како што посочија, мафијата да може да управува со правосудниот систем.

Собранието продолжи со работа по 123. седница на чиј дневен ред, меѓу другите, се и измените и дополнувањата на Законот за одбрана. На седницата, освен овој закон, се уште триесетина законски решенија, меѓу кои и измените за Изборниот законик предложени од група пратеници за една изборна единица, отворени листи и еднаква родова застапеност на листите, за кои се поднесени неколку илјади амандмани, како и дополнетиот предлог закон за Академија за судии и јавни обвинители.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ