Домашните фирми уште не можат да ја користат државната помош

Наспроти странските, домашните компании се уште не можат да користат државните пари, иако веќе ги поднесоа завршните сметки, а од Владата најавуваа дека за мерките за поддршка ќе можат да аплицираат од овој месец. Тие мора да го чекаат законот за финансиска поддршка на инвестициите кој допрва треба да го помине владиниот филетр, во вторник идната недела, но има ли опасност тој да заглави во парламентот каде на сцена се политички превирања. Министерот Бектеши на оваа тема разговарал со собранискиот спикер Талат Џафери и кај него видел подготвеност законот што побргу да се стави на дневен ред. Доволни се 61, вели, но апелираше сите 120 пратеници да гласаат за законот, за да му помогнат на бизнисот.

Во меѓувреме се бара начин како иселениците да се мотивираат своите пари да ги инвестираат во земјава. Тие ќе можат да ги користат сите субвенции предвидени со законот, но Владата сака да им даде и дополнителна поддршка, и тоа да го вклопи во законскиот текст, или во посебна програма.

„Значи  ние ќе работиме на модалитет, да најдеме налин со кој и тие .што веќе работат во странство, да ги вратиме во Македонија, овде да основаат свои компании и на тој начин да ја поттикнат економијата и да ја зголемат вработеноста во земјава“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Буџетот за поддршка на Министерството за економија е над 36 милиони денари, од кои повеќето ќе одат преку Фондот за иновации. Од комората на Северозападна Македонија сметаат дека парите се доволни, но ќе има резултат само ако правилно се користат и нема злоупотреби.

„Треба да се формира некој орган што ќе ги надгледува овие средства, а и зошто веднаш да не се санкционираат тие нерегуларности, за да може поуспешно и поефикасно да се реализира поддршката на бизнис секторот“, рече Неби Хоџа, претседател на СКСЗМ.

Од комората бараат малите и средни фирми да можат полесно да аплицираат за мерките, бидејќи за тоа немаат капацитет, ресурси и искуство. Да се води сметка за регионите каде невработеноста е над 40 отсто, и за поддршка на руралните подрачја.

Во духот на 8 март, Бектеши соопшти дека во тек е оглас за субвенционирање на компаниите управувани од жени.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ