
Возачите не се прилагодуваат на зимските услови на патиштата
Возило излета од пат, сите патници се повредени, верижен судир на патот Гостивар – Кичево, автомобил излета од Автопатот Тетово – Гостивар и ја проби заштитната ограда.
Ова се само дел од настаните кои ги регистрира тетовската полиција со доаѓањето на зимската сезона. Во овој период од годината се зголемуваат сообраќајните несреќи. Студените утра, снегот, голомразицата им создаваат проблеми на возачите, посебно на младите кои немаат искуство во возење во зимски услови.
Професионалниот возач Горан Хаџи Илоски – Чајка, вели дека неискусните возачи треба да се подготват пред зимската сезона. Положениот возачки испит не е доволен за совладување на патиштата, кои на зима носат постојани ризици, вели тој.
„Со зимскиот период доаѓаат проблемите при возењето.Посебно е важно за младите за почетнците овој зимски период. Тие мора со некој поискусен на некои да речеме пошироко места да го пробаат автомобилот во зимски услови и да видат шти значи тргнување и застанување кога има снег голомразица и слично. Дека автошколите не секогаш можат да овозможат давање часови во зимски услови“, изјави Горан Хаџи Илоски – Чајка, професионален возач.
Тој вели дека и поискусните возачи не секогаш се придржуваат на препораките за безбедно возење,
„Исто многу е важно да се држи што поголемо растојание од едно до друго возило, дека во зимски период имаме за 50 % помала снага на кочење. И мора да се кочи што е можно понежно и да нема маневри со воланот“, изјави Хаџи Илоски – Чајка.
Од 15 ноември започна да се применува обврската за задолжително поседување и носење зимска опрема. Од СВР Тетово во пресрет на зимата спроведоа кампања. Преку флаери и билборди ги потсестуваа возачите за носење на зимска опрема.
Полицијата, започна и со практична реализација на превентивно-едукативниот проект „Голомразицата и снегот-предизвик за возачите и пешаците“. Целта е намалување на бројот на сообраќајните несреќи во зимските месеци преку подигнување на сообраќајната свест и култура на сите учесници во сообраќајот.
Зоран Димовски