Последна шанса за законот за Јавно обвинителство

До крајот на денешниот ден, предлог законот за Јавно обвинителство треба да биде усвоен на владина седница, а во наредните три дена дискутиран и изгласан на собраниска.

Вакви се очекувањата на лидерот на најголемата владеачка партија, Зоран Заев, по интензивните разговори со работните групи, во кои се вклучил и тој.

Убеден е дека има време и дека законот ќе биде донесен а Собранието распуштено на 12-ти февруари.

И техничкиот премиер Оливер Спасовски очекува овој закон и уште неколку други значајни закони да бидат изгласани од овој парламентарен состав.

Конечното решение ги опфаќа предлозите на работните групи, објаснува Заев. Вградени се нормите за избор на Јавен обвинител, за употреба на јазиците, за истрагите на СЈО, сугестиите на Алијансата, Алтернатива, БЕСА, Независната група.

Независните пратеници велат дека нивната поддршка зависи од текстот на законот, што треба да го разгледаат попладнево.

Комисијата за европски прашања, која би требало  да заземе став во рок од три дена, не може да заседава без одлука на Собранието, а тоа очекува усогласен закон со европско знаменце предложен од Владата.

Седницата на Владата се уште не е закажана, но не е исклучено да се одржи во доцните вечерни часови, доколку  Министерството за правда го побара тоа.

Соња Николовска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ