
Штипјани ќе почекаат уште една година за вода од Злетовица
Најсовремениот систем за водоснабдување во земјава се уште работи нерентабилно.
На Злетовица се уште не се приклучени Штип, Карбинци и Лозово.
Штипјани ќе почекаат уште една година, бидејќи толку време е и потребно да се направи реконструкцијата. Тендерската постапка на Министерството за земјоделство е завршена, а во тек е евалуација на понудите, за оваа филтер станица.
Ова е втора реконструкција на штипската Филтер станица за да ја прима водата од Злетовица. Штип пред неколку години се задолжи со речиси половина милион евра, но по пуштањето на употребата се дојде до заклучок дека се потребни дополнителни вложувања.
Во моментов од овој систем вода пијат жителите на Пробиштип и Свети Николе. Сепак Злетовица да стане рентабилна потребна е инвестиција во две фази, а тоа се наводнување и мини хидроцентрали.
По изборите ќе се знае дали ќе се одобри кредит од 50 милиони евра за Злетовица.
Треба да се утврдат деталите околу начинот на финансирање, ратите и висината што може да ја плаќа Хидросистемот. Без реализација на овие две фази Злетовица не може да биде рентабилна, велат од ХС Злетовица
Изградбата на браната Кнежево и цевководите до општините чинеше 100 милиони евра.
Кредитот кон јапонска Џајка до 2028 го плаќа државата.
Викторија Јованова