
Моделот за избор на членови во Антикорупциска мора да се смени
Јавен оглас но со далеку построги критериуми е минимумот што мора да се смени при изборот на членови на Антикорупциската комисија за да биде функционална и оперативна. Кандидатите мора да се соочат јавно и транспарентно со пратениците но и со граѓанскиот сектор пред да се донесе одлука која да биде именуван. Ова се само дел од ставовите на Ана Павлова Данева претставник на ГРЕКО за Македонија и Миша Поповиќ од Институтот за Демократија.
„Сметам дека кандидатите треба да се бираат преку јавен оглас, но критериумиоте мора да бидат далеку посторги. Во однос на тоа дали ќе ги бира позиција или опозиција, станува збор за политички договор. Во секој случај избраните кандидати би биле политички определен близок до некоја гарнитура“, вели Данева.
Распитот на кандидатите треба да биде јавен и во него треба да учествуваат и граѓанските организации.
„Не само комисиски распит туку и распит пред пратениците за секој кандидат. Тука мора да се вклучат и граѓанските организации за да се повтори случајот со Слаѓана Тасева која Собранието ја исфрли од трката за претседател на ДКСК“, смета Поповиќ.
Во однос на составот и бројноста на Антикорупциска двајцата имаат различни ставови. Данева смета дека решение е и формирање на Агенција со еден директор кој би ја понел одговорноста додека за Поповиќ е императив да се намали бројот на членови од сегашните седум.
Според постоечките законски регулативи членовите на Антикорупциска се избираат со просто мнозинство а единствените услови што ги бара законот се да се државјани на Република Македонија со завршено високо образование од областа на правните и финансиски работи и антикорупцијата, да уживаат углед во вршењето на функцијата и да имаат најмалку осум години работно искуство. Претседателот се бира од редот на членовите и има мандат од една година.