
Негователка обвинета за малтретирање две деца
Јавното обвинителство поднесе обвинение за негователка која се товари за малтретирање две деца. Дополнително, јавниот обвинител до судот поднесе и предлог за продолжување на определената мерка куќен притвор за обвинетото лице, бидејќи оцени дека постои опасност од бегство и можност обвинетата да продолжи со извршување на кривичното дело, односно да работи иста или слична работа. Од обвинителството наведуваат дека обвинетата била ангажирана како негувателка на две деца на возраст од три години.
Но, додека родителите биле на работа, таа постојано им викала на децата, ги навредувала, ги удирала по главата и ги кубела за косата. Со цел да се заштитат од неа, во моментите кога им се приближувала негувателката, децата заземале одбранбено движење со кревање на рацете кон главата. Мајката на децата поставила безбедносни камери и го забележала малтретирањето.