Дали Штерјев го прекршил законот?

5 месеци откако беше избран за претседател на Советот на јавните обвинители и вети дека ќе работи отчетно и професионално за да го подобри на нарушениот углед на институцијата која ја предводи, Коле Штерјев е во центарот на јавноста со бројни критики и забелешки.

Бурни реакции следуваа откако Советот ја унапреди во обвинителството за организиран криминал внуката од неговата жена, а назад во основното обвинителството ја врати обвинителката која водела предистрага за сопругот на член на Советот. Ова за многумина беше случај на непотизам и судир на интереси, но не според Советот.

Штерјев објаснуваше дека според законот не требало да се иззема затоа што не е во крвно сродство со внуката на неговата жена, но дека и тоа ќе го сторел, доколку без него имало кворум за да се одржи седницата.

Откако помина првиот бран на критики, и затишјето околу овој случај,  американскиот амбасадор Џес Бејли повторно го актуелизираше –  Јавноста и професионалците изгубија уште неколку грама доверба во системот порача Бејли, а по него деновиве се огласија заменикот министер за правда Ристовски – кој рече дека очекува оставка од морални причини.

Случајот го расчепка и Антикорупциската комисија. Отворија две постапки за утврдување судир на интереси. Според документот до кој дојде Телма, членот на Антикорупцијата, Жаклина Дамческа, која денеска си поднесе оставка, вчера поднела службена белешка со која ги известува колегите дека констатирала судир на интереси кај претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев.

Штерјев и обвинителското тело кое го предводи не се најдоа ниту во Советот предводен од Заев кој ќе ја мониторира имплеметацијата на реформите во правосудството. Дали на ова заобиколување влијаел лошиот публицитет во последниот период, и од двете страни останаа воздржани во коментарите.

Кариерата како обвинител Штерјев ја започнал во 1998 година во скопското основното обвинителство. Во 2004 година станува обвинител за организиран криминал, а во 2009 година е унапреден во вишото обивнителство каде останува до 2016-та, кога беше избран за член на Советот на јавните обвинители на Република Македонија. По оставката на Петар Аневски од  летоска Штерјев седна во претседателската фотеља на советот која периодов се тресе поради последниот избор на обвинители.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ