Законот за јазици му отстапи простор на дијалогот

Законот за јазиците му отстапи простор од една недела на дијалогот. Претседателот на Собранието Талат Џафери во синоќешното интервју на ТВ Алсат соопшти дека им дал на партиите време од седум дена за да најдат решение, бидејќи неговите можности се исцрпени. Џафери објаснува дека вчера дел од пратениците на СДСМ индиректно покажале резерва, што би можело да значи дека доколку го ставел законот на гласање, тој не би добил 61 глас.

„Јас би можел сериозно да ги сфатам тие што велат дека ќе се повлечат од целиот процес. Но, ако се базираат на таа позиција, тогаш тоа е ултиматум. Јас сум претседател на Собранието, имам свој бекграунд и не прифаќам ултиматум бидејќи собраниската работа не е со услови“, кажа Џафери.

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата соопшти дека е потребно заокружување на процесот на усвојување на законот за јазиците. Но пред се, му даваат шанса на дијалогот.

„Веруваме дека преку разговори со коалициските партнери, но и со опозицијата, ќе се изнајде решение. Очекуваме дека сите ќе ја препознаат важноста на моментот, ќе препознаат дека е неопходен дијалог во интерес на реформите. Тие треба да се спроведат во краток рок и со определена динамика и не дозволуваат блокирање на Собранието“, соопштија од СДСМ.

Од ВМРО ДПМНЕ немаат намера да ги повлечат амандманите. Кусо порачуваат:

„Очекуваме СДСМ да и се посвети на европската агенда и на реформските приоритети. И европските претставници повеќе пати нагласија дека Законот за двојазичност не е дел од реформскиот процес“, соопштија од ВМРО ДПМНЕ

Иако во моментот секоја партија ги задржува своите позиции, сите се согласни да се обидат да најдат решение за над 35 илјади амандмани. За СДСМ е неприфатлив предлогот на ДУИ веднаш да се гласа, ниту пак идејата да се отфрлат 32 илјади амандмани поврзани со казнените одредби, а останатите да се групираат во 400 амандмани. Бараат да им се даде предност на реформските закони. Се уште не е јасно дали овие прашања ќе се дискутираат во работните групи или можеби ќе има потреба од лидерска средба.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ