
Тимоние: Франција е задоволна од работата на ЕК околу новата методологија
Франција е задоволна од начинот на којшто се спроведуваат активностите околу новата методологија за преговори што Европската комисија треба да ја објави утре и нејзината усогласеност со барањата од францускиот нон-пејпер. Ова во интервју за Телма го изјави амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, кој притоа вели дека тој процес овозможува да се одговори на некои прашања кои предизвикувале загриженост во Франција. За Тимоние тоа значи дека Унијата сака да ја надмине пречката во поглед на методологија за земјите од Западниот Балкан, а која, вели тој, ќе биде побрза, пореална, посоодветна на потребите на граѓаните.
Интервјуто со францускиот амбасадор го водеше Тамара Грнчароска.
Господине амбасадоре, Европската комисија утре треба да ја објави новата методологија за преговорите за пристапување. Според ваши сознанија, колку е таа усогласена со барањата од нон-пејперот на Франција?
– Ние сме задоволни од начинот на кој што беше спроведена севкупната работа околу методологијата и тоа ни овоможува да се покренат одредени наши загрижувања кои што се многу важни. Тоа значи дека Унијата сака да ја надмине таа пречка која што беше пречка за земјите од Западен Балкан во методологијата, а која што ќе биде побрза, пореална, посоодветна и која што оди во пресрет на барањата на граѓаните.
Она што ние го посакувавме е да се зачува тој важен аспект од владеењето на правото којшто ќе има и понатаму централно место во сите наши барања за постигнат напредок, но и со соодветна динамика којашто ќе овозможи прогресивно членство. Тоа значи дека засегнатите земји, прогресивно, етапа по етапа, ќе ги користат вистинските поволности од членството. Ќе имаат пристап до поголем број фондови, како и до бриселските институции и полека ќе навлегуваат во европскиот механизам. Прашањето има значаен политички аспект, имајќи го во предвид фактот што се воспоставува принципот на реверзибилност. Ќе бидат наградувани и тоа на видлив начин сите напредувања, но во случај на тешкотии и назадувања, ќе биде потребно враќање назад. Она што ние сакаме да го избегнеме, а коешто постоеше во минатото и претставуваше проблем е што, откако преговорите ќе започнеа, понекогаш воопшто не им се гледаше крајот.
Изјавивте дека процесот на реформирање на ЕУ и пристапните преговори можат да се водат паралелно. Кој е условот за тоа?
– Еве што може да констатираме: Откако ќе се отворат преговорите според методологијата, за што ќе биде потребно време, поради реформите кои треба да се спроведат за тоа да се постигне, а потоа и да се преговара пакет по пакет, а не по поглавја, бидејќи поглавјата најчесто долго време стојат отворени. Секако, посакуваме тоа да се случува истовремено. Тоа го велиме затоа што станува збор за загриженост што не ја искажува само Франција, туку и другите земји, од причина што системот на одлучување, внатре во Унијата, треба да се преиспита. Вие од ваша страна ќе работите, но и ние ќе работиме од наша страна, зашто не би било соодветно да ве пречекаме во простор каде што правилата не се функционални.
Негативната одлука за старт на преговори од Европскиот совет во октомври го објаснувавте со недоволни реформи во земјава. Како сега ги оценувате реформите?
– Како што кажа еднаш шефот на Делегацијата на ЕУ, може да се дискутира дали чашата е полупразна или полуполна. Ќе кажам само дека беше постигнат значаен напредок во однос на законодавството, беа поттикнати одредени размислувања и се отворија нови области во коишто треба да се работи. Јавноста го знае тоа, зашто станува збор за области кои сè уште не се затворени и резултатите или не се целосно видливи или не се сосема задоволителни. Мислам дека тоа треба да се земе во предвид и ние очекуваме да ја слушнеме проценката од Европската комисија, која треба наскоро да биде објавена. Се разбира дека непосредно ќе се информираме дали е постигнат напредок, да речеме во однос на транспарентоста и реформата на администрацијата, правосудството, но и во други области.
Минатата недела искажавте надеж дека даумот е многу блиску. Колку е тоа блиску?
– Станува збор за одлука која државите-членки треба да ја донесат заедно. Ние сметаме дека надежта е тесно поврзана со усвојувањето на методологијата. Затоа, во моментот кога методологијата ќе биде усвоена, ќе знаеме дека сме направиле голем исчекор напред.
Новата одлука за старт на преговори Европскиот совет ќе ја носи во март, во период на изборна кампања во земјава. Може ли таа одлука да влијае врз изборите?
– Прво, не е сигурно дека Европскиот совет ќе донесе одлука во март, затоа што сè уште се водат преговори. Најважно е да се усвои новата методологија, а ние како хоризонт си го зацртавме загрепскиот самит во месец мај. Сега се наоѓаме во период кога треба да се донесат одлуки каде ние од една страна треба да си ја завршиме својата работа, но и Северна Македонија и Албанија треба да си ја завршат својата работа и да се донесат одредени одлуки коишто ќе помогнат, најверојатно, да се забрзаат роковите. Ќе го споменам Законот за Јавното обвинителство и навистина посакуваме да се донесе тој закон и да биде квалитетен, но исто така сме мошне претпазливи во врска со начинот на којшто истиот ќе се усвојува. Ќе биде потребно преодната Влада коректно да функционира, без поголеми тензии, почитувајќи ги правилата на играта коишто беа прифатени од политичките партии. Затоа, ги повикувам големите политички партии да го имаат предвид државниот интерес, а не да влегуваат во меѓусебни расправии. Ги повикувам да донесат Законот за Јавното обвинителство, кој ќе биде добар и ќе задоволува одредени критериуми и тоа да го направат без предрасуди за партијата или поради лични интереси. Сметам дека тоа ќе биде соодветно вреднувано од најголем број земји-членки на Унијата.
Дали Франција ќе ја разочара или ќе ја израдува Македонија во март?
– Не мислам дека наша цел е да разочаруваме. Нашата цел е да ве прифатиме во Европската унија во најдобри услови.