
Машиновозачите ги запреа возовите
Возовите запреа со сообраќај. Од утринава целосно е во прекин и патничкиот и товарниот транспорт во земјава. Машиновозачите се на работните места, но ја бојкотираат работата. Велат возовите нема да возат се до исполнување на нивното барање за зголемување за 10 проценти на надоместокот за квалитет.
Бараме квалитетот сега ни е 30 проценти, да ни биде 40 проценти. На редовните саати значи 40 проценти квалитет, односно само уште 10 проценти. Просечната плата на машиновозачите во моментов е 18.600 денари. За тоа имаме барање и ќе го бараме со новата влада доаѓање после изборите за зголемување на просечната плата, а сега во моментов тоа што го бараме е за некаде 1.500 денари по човек, вели претставникот на машиновозачите Душко Чакаровски.
За МЖ „Транспорт“ пак виновник за незаконскиот прекин со работа е токму Чакаровски. Велат останатите синдикати не го подржуваат овој штрајк.
На ден 04.02.2020 година во 09.15 часот од страна на Претседателот на Независен Синдикат на машинскиот персонал – Душко Чакаровски, кој без да достави соодветна документација се претставува како претставник на целокупниот машински и извршен персонал незаконски поттикна и предизвика прекин на работата т.е. на железничкиот товарен и патнички сообраќај, велат од МЖ „Транспорт“.
Министерот Сугарески не гледа причина за бојкот. Вели не сака ниту да помисли дека има политичка заднина зад бојкотот. Тврди дека со сите зголемувања на платите овие работници имаат сериозни примања.
Да потсетам дека со зголемувањето последно на платите на сите во државата со 5 проценти зголемена е платат и таму. За она што евентуално сакаат да бојкотираат е зголемувањето на коефициентот за квалитет на работа. Тој од 20 на 30 проценти еднократно е покачен во декември и сега велиме пак 30 да биде од јануари. Тие бараат 40. Ова се фактите. Јас не сакам да помислам ни во сон дека постои било каква друга политичка заднина. Значи се е исплатено во целост, асолутно имаме зголемување по сите основи зголемување на платата и сакам да ја информирам јавноста, а тоа како податок можете да го добиете и од директорот и од У.О на претпријатието за колку сериозни суми на примања станува збор, рече Сугарески.
МЖ „Транспорт“ пак ги извади во јавност платите на машиновозачите. Во октомври просекот за сите бил 45.000 денари со исплатен трошок за километар, а во декември речиси 47.700 денари. Додека пак велат платата на дипломиран инженер на раководна функција е 26-27.000 денари. Но, од „Транспорт“ не одговорија што ќе преземат и кога железничкиот сообраќај во земјава ќе се врати во нормала.
Александра Филиповска