
Четворица членови на криминалната група од Грчец обвинети за закани кон полициските „алфи“
Скопското обвинителство поднесе обвиниение против четворица членови на криминалната група од скопското село Грчец, учесници во престрелката во хотелот Александар Палас, поради нивните закани упатени кон полицајците кои ги легитимираа кратко време пред инцидентот. Од обвинителството соопштија дека тие ќе одговараат за „загрозување на сигурноста“ за кое е предвидена максимална канзна од три години затвор.
- Обвинетите, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, заедно ја загрозиле сигурноста на 11 полициски службеници кои вршеле легитимирање. Тие започнале вербална расправија со полицајците, упатувајќи им погрдни и заканувачки зборови кои содржеле сериозна директна закана дека ќе нападнат врз животот на полициските службеници и врз животот на нивните претпоставени. Обвинетите се јавувале телефонски кај нивни блиски лица и ги повикувале да дојдат во хотелот и да се пресметаат со оштетените, соопштија од Јавното обвинителство.
Тројца од осомничените, а сега обвинети, беа приведени три дена по инцидентот во голема полициска акција во која учествуваа и специјалните еденици и им беше изречен куќен притвор. Четвриот сеуште е во бегство.
Инцидентот се случи на 30 ноември, нешто по полноќ во лобито на хотелот „Александар Палас“. Обвинетите заедно со соселанец, вработен во МВР, неколку часа седеле во хотелот поради што вработените повикале полиција -„алфите“ кои потоа беа мета на заканите.
Нападот беше извршен од три маскирани лица вооружени со автоматски пушки. Тие упаднаа во хотелското лоби пукајќи кон криминалците од Грчец а полицаецот пак возврати на огнот и го испразни шаржерот од службениот пиштол кон напаѓачите. Иако беа испукани триесетина куршуми во инцидентот немаше повредени. Според снимките од безбедносните камери, напаѓачите побегнаа со два џипа, а едниот, неколку часа подоцна, беше најден запален во атарот на селото Арачиново.
Внатрешната контрола викендов отвори постапка против полицаецот кој пукаше во хотелот но и против раководител во „алфа“ кој не ги пријавил заканите.
МВР сеуште го нема расвтелено овој инцидент и нема осомничени лица за претсрелката. Неофицијално зад нападот стои криминална група од селото Арачиново а мотивот е борба за превласт во скопското подземје.
Огнен Чанчаревиќ