
Заев: Собранието нема да се распушти без гласање за нов Закон за обвинителство
Можно е Собранието да продолжи да работи и по 12-ти февруари. Доколку законите за Јавно обвинителство, Протоколот за НАТО или Законот за одбрана не стигнат до гласање, пратениците продолжуваат со работа.
Ова го најави претседателот на СДСМ Зоран Заев, откако преговорите за Законот за обвинителство влегоа во ќор-сокак. Со тоа, СДСМ го продолжува рокот за разговори за уште 15 дена.
Избори на 12-ти април ќе има, но според Заев, може и според скратени рокови, доколку овој Парламент не си ги исполни обврските.
Пред избори, власта се обидува да турка закон чиј вистински интерес е да се заштити од одговорност, напиша лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
Повика да не се креира законско решение за заштита на партиските интереси на поединци, туку решение предложено од експерти.
-Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само недела и пол пред распуштање на Парламентот. За да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, за ВМРО ДПМНЕ е прифатлив закон што ќе го изработат експерти и ќе произлезе од експертската јавност која беше вклучена во јавната дебата. Тоа треба да биде база за понатамошно усогласување, тврди Мицкоски.
Од ВМРО ДПМНЕ немаат намера да одговорат на повикот за поднесување амандмани. Нема закажано ниту средба на работните групи од двете партии.
Од Министерството за правда велат дека во текот на денот се одржуваат билатерални средби со пратеничките групи на кои ќе се разгледуваат нивните амандмани.
Целта е обезбедување консензус и двотретинско мнозинство.
Доколку се обезбеди, Предлог-законот за обвинителство ќе се најде на утрешната седница на Владата, а потоа ќе биде испратен во Собранието.
Соња Николовска