Се фаќаат врски и за запишување во градинка?!

Вкупно 20 деца чекаат да бидат примени следниот месец во градинката Срничка лоцирана во скопската општина Аеродром. Бројката на барања за наредниот период е многу поголема и достигнува 230. Листите на чекање им се добро познати на родителите кои во страв дека токму нивното дете нема да биде навреме примено, понекогаш  се обидуваат на обезбедат место и порано од потребното.

Аеродром, како општина со многу млади брачни парови е само една од покарактеристичните. Градинките во скопските општини ни оддалеку не ги задоволуваат потребните капацитети за да ги примат сите заинтересирани деца. Борбата за место плус секој од родителите ја води на свој начин, но во јавноста се се погласни тврдењата дека погоре на листата на чекање излегуваат имињата на децата чии родители се повикале на некое познанство или партиска книшка.

Надлежните институции ги отфрлаат овие обвинувања. Посочуваат дека основни критериуми за предност на листите на чекање се двајцата родители да се вработени или  пак да има медицинска потврда со која дефектолог или логопед инсистираат детето да биде побрзо примено. Просечното време на чекање е од 2 месеца до една година, па во ваква ситуација не е чуден револтот на родителите.

Капацитетите на двете градинки во Штип како впрочем во речиси сите поголеми градови се целосно преполнети. Се работи со проширен капацитет, па така групите со првично 20 деца во текот на годината почнуваат да растат и доаѓаат до бројка од 30 деца што е далеку над нормативот

Проблемот, вели Бочварски  ќе се надмине со изградба на нова градинка. Нa ниво на цела држава дел од новите објекти се веќе почнати, а изградбата на другите треба да почне оваа година. Според министрката Царовска, целта е да се надмине сегашната ситуација во која опфатот на деца од 0 до 6 години е само 29%.

Според Царовска 8 објекти за изградба и доградба се веќе во планот на јавни набавки. За Уште 10 се готови проектите и треба да почнат да се градат. Амбициозните планови се однесуваат и на следните 2 години, со што би се обезбедил многу поголем опфат на децата во градинките, а листите на чекање би ги снемало.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ