Македонија може да се соочи со санкции од Енергетската заедница

Македонија е под директна закана за санкции од Енергетската заедница, бидејќи со години доцни со имплементирање на Третиот енергетски пакет. Правилата предвидуваат иста компанија да не може да биде преносник на природниот гас и истовремено да врши дистрибуција. Затоа Владата и Макпетрол преговараа Макпетрол да го продаде уделот на акции во Гама со што би се решил проблемот. Постигната е согласност за цената на гасоводот, а на медијацијата во Виена е постигната согласност и дека Владата и Макпетрол имаат 50-50 сопственост во Гама. Макптерол ги спроведе сите потребни процедури за реализација на договореното на медијацијата во Виена, но македонската влада не го исполни обврските од медијацијата.

  • За нас, на некој начин овој проблем беше решен бидејќи Владата се согласи со записникот, тоа беше потпишано, сметавме дека само техникалии се во прашање, некоја формалност. Но за жал се остана некаде во воздухот.  Може и оваа сегашна Влада тоа да го реши бидејќи сите основи за тоа да се реши тој спор се донесени, вели Јанез Копач, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница во телефонски разговор за Телма.

Енергетската заедница побара од македонската влада одговор зошто досега спорот не е решен, и покрај тоа што Владата се согласи и ја потпиша спогодбата. Во Виена размислуваат за поведување прекршочна постапка против Македонија и нагласуваат дека нема многу време.

  • Ние би можеле да почнеме прекршочна постапка против Македонија, не сме сакале, бидејќи чекавме овој проблем да се реши. За жал не е решен, ќе почекаме уште малку, рече Копач.

Прекршочната постапка не е добра за имиџот на земјата особено не за земја која се залага за разговори за членство ЕУ – потенцира Копач.

  • Прекршочната постапка трае долго, од една до две години и на крај може да значи санкции односно ускратување на средствата на ЕУ. Но, тоа е црно сценарио, и се надевам дека ќе биде претходно средено, вели Копач.

Македонија се наоѓа пред санкции, но грантот за енергетско поврзување со Грција доделен од ЕУ е веќе загрозен.

  • Тој грант е веќе загрозен отколку што се реални санкциите, бидејќи Western Balkans Investment дадоа 12 милиони евра за тој проект и тој не може да почне се додека не се обезбеди сертифициран оператор на преносниот систем. Додека не се случи тоа раздвојување тоа го нема. Значи,  тој грант е дефинитивно загрозен односно не може да се користи, додека не се среди ова, потенцира Копач.

Енергетската заедница на два пати испрати писмени предупредувања до владата за сериозноста на ситуацијата и опасноста од санкции, но повратен одговор не добиле.

Наташа Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ