
Собранискиот деловник тема на дијалогот „Жан Моне“
Во почетокот на мај, треба да почне конститутивната седница на новиот Парламент. Се очекува да трае најмногу неколку дена, со оглед на ветувањето на спикерот Талат Џафери дека нема да ја злоупотребува улогата што му ја дава Деловникот – да претседава со првата седница. Останува верувањето дека нема да се повтори 2017-та, кога конститутивната седница траеше четири месеци и ќе траеше повеќе доколку не се случеа 27-мо- априлските случувања.
Ова беше една од причините зошто е потребен нов Деловник. Прашањето беше отварано на сите средби од „Дијалогот Жан Моне“, а ќе биде тема и на утрешната. Во Скопје доаѓаат известувачот за Македонија Илхан Ќучук и европарламентарците Андреас Шидер и Марион Валсман, а ќе учествуваат претставници на сите пратенички групи. Сепак, спикерот Џафери не верува дека ќе се постигне договор и дека овој Парламент ќе успее да изгласа измени на Деловникот. Иако има начелна согласност за ограничување на конститутивната седница на два дена, останува спорно: името на државата, изборот на генералниот секретар, идејата за дво-третинско одобрување на закони по скратена постапка, мнозинството за одземање имунитет на пратеник, календар на Собранието и друго.
Процесот „Жан Моне“ стартуваше пред две години заради воспоставување подобар дијалог меѓу власта и опозицијата во Парламентот. ВМРО ДПМНЕ, која на почетокот избегнуваше да учествува, смета дека очекувањата се делумно остварени.
„Жан Моне“ е алатка на Европскиот парламент за парламентарна медијација и поддршка на демократијата. Заклучоците од новата сесија разговори, вклучувајќи ја и вечерата со лидерите, ќе бидат презентирани в сабота.
Соња Николовска