Групата „Јавна соба“ затворена, МВР ги лови членовите кои поставуваа експлицитна содржина

„Им стигнале листи од сите членови, јас бегам, опасно стана за ништо“ – ова се коментарите дел од членовите во групата „Јавна Соба“ на мрежата Телеграм која утрово беше затворена. Мал дел од нив мигрираа во друга група „Приватна Соба“ каде има многу малку постирани слики и видеа со порнографска содржина а бројката на членови рапидно се намалува.

Од МВР соопштија дека групата е затворена од сопственикот на текеоминикациската мрежа „Телеграм“ и дека веќе се известени за тоа. Истрагата е во полн ек, се работи на идентификување на останатите одговорни лица во групата – креатори и администратори, кои иако знаеле ниту ја пријавиле ниту ја згаснале групата но и на идентификување на членовите во групата кои без никичја дозвола и знаење постираа слики и клипови со експлицитна содржина од девојки од Македонија и странство, дел од нив малолетни.

„Интензивно работиме на расчистување на случајот и санкционирање на стрителите. Идентитетот на дел од нив е познат. По расчистување на случајот ќе бидат поднесени кривични пријави “, велат од МВР.

Полицијата потврди дека во овој случај имаат една пријава од родител чија малолетна ќерка завршила во групата и охрабрува сите кои се оштетени во случајот да не се двоумат и да пријават.

Обвинителството заедно со инспекторите од економски и компјутерски криминал и форензика денеска имаа средба на која се договорени насоките за следните чекори кои треба да се преземат за да се соберат што е можно повеќе докази.

Оваа група постоеше веќе неколку месеци. Во септември е формирана на социјалната мрежа „Инстаграм“ од каде потоа се префрла на  „Вибер“ каде е блокирана за на крајот да заврши на „Телеграм“ под името „Бадијалџии“ и да прерасне во „Јавна Соба“ во која со месеци се споделуваа слики и клипови со експлицитна порнографска содржина од девојки од македонија и странство, некои и малолетни. Според МВР вкупната бројка на лица кои во некој временски период биле членови а потоа ја напуштиле е над 11 илјади.

Засега идентификувани се две лица. Креаторот на групата под псевдонимот „Медо“, возрасен скопјанец сопруг и родител и администраторот чии иницијали но и псевдоним се „МП“.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ