
Српските контрамерки подготвени, Љајиќ утре во Скопје – дава последна шанса
Контрамерките подготвени, но српската страна дава уште една, последна шанса да се реши проблемот со извозот на нивно брашно во земјава. Утре на разговори во Скопје доаѓа срспскиот министер Љајиќ, потврдуваат од македонското министерство за земјоделство. Од кабинетот на Љајиќ соопштиле дека ако и утре не се најде солуција, Србија дефинитивно ќе ги воведе контрамерките.
Ова следува откако утрово од соседната земја стигна најава дека тие дефинитивно влегуваат на сила, како реципроцитет за нашиот нов правилник, кој го отежнувал извозот на српските производители. Љајиќ рекол дека претходниве денови планирал да додје во Скопје за да разговара за решавање на нецаринските бариери, но немало да го стори тоа се додека не добие конкретен предлог.
„Не можеме веќе да чекаме. Освен купување на време, од нивна страна не видовме никаква подготвеност за решавање на проблемот“, изјави претходно Љајиќ.
Минстерот Николовски, пак, денеска изјави дека не знае што воведува Србија, но разговорите продолжуваат.
Порача дека за нас е прифатливо контролните маркички за увоз на еден, два и пет килограми брашно да се лепат во Србија, а за пакувањата со 25 и 50 килограми тоа да се прави во Македонија, согласно новиот Правилник.
„Имаат два аргументи, едниот е дека маркичките не можат да се лепат на пакувања од 1, 2 и 5 килограми, еве ние тоа го прифаќаме и тоа е новина и кабинетот на министерот Љајиќ тоа го знае“, рече Николовски.
Можно ли е срспско брашно да се шверцувало во Македонија? Според Николовски, факт е дека податоците за издадените контролни маркички не се согласуваат со оние на нашата Царина за увезено брашно.
„Министерот Љајиќ потврди дека има шверц на брашно во Македонија и ние на тоа не можеме да бидеме имуни и треба да реагираме на време. Едни се официјалните бројки за увоз кои ги дава Царинската управа, а втори се оние кои ги дава Агенцијата за храна и ветеринарство, а сосема трети се официјалните податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за издадени контролни маркички. Имаме разлика од 25.000 тони за кои не се издадени маркички, а Царинската управа вели дека се влезени на граница“, рече министерот Николовски.
Според него, втор аргумент на увозниците бил дека со измените на правилникот, кои се воведени пред еден месец, сега морале да го почитуваат делот за складирање на брашното. Зошто тогаш постојат магацините, ако брашното оди директно во промет, кој граѓанин ќе биде сигурен, прашува министерот.
Тој е дециден дека овој проблем нема да предизвика недостиг од брашно на пазарот и зголемување на неговата цена. Најави дека денеска на владина седница, на оваа тема ќе разговара и со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Двете страни договориле да се формира комитет, кој ќе ги отвори сите можни парашања на долг рок, а првата седница е закажана овој месец во Ниш. Ова е 13 пат во последните 7 години Србија и Македонија да се најдат во спор за брашното. Од Србија во Македонија годишно се извезува околу 40.000 до 50.000 тони брашно.
Нина Нинеска-Фиданоска