
Без паника- во Македонија нема болни од коронавирусот
Во Македонија нема болни од коронавирусот, ниту пак луѓето имаат причина за паника – со смирувачки тонови се обрати првиот човек во здравството. Превентивните проверки со термо-камера на аеродромот започнаа од вчера, а на слични такви проверки во странство предмет биле и македонски државјани отпатувани во Кина. Ниту еден нема симптоми.
Министерот Филипче денес очекува да добие податоци од Управата за цивилно воздухопловство за да знаат конкретно кои патници што ќе застанат на македонско тло се најризични.
Термо-камерата на скопскиот аеродром за сега важи само за патниците кои долетуваат од Истанбул и Дубаи, а биле транзитно поврзани со поширокиот регион на Вухан од каде што се појави вирусот.
Термо-камерата регистрира дали некој од патниците кои штотуку се симнале од авионот имаат покачена температура, што е еден од симптомите, слично како и кај обичниот грип. Епидемиолозите во светот се уште не знаат со сигурност како се’ се пренесува вирусот. Речиси сигурни се дека не е можно заразата да вирее и во багажот.
Петар Догов