
Спасовски апелира партиите да преземат одговорност за законот за ЈО
Политиката еднаш засекогаш да ги тргне рацете од судството и обвинителството им порача техничкиот премиер Оливер Спасовски на пратениците повикувајќи ги на дијалог и конструктивност. Иако законот не е услов за ЕУ, неговото усвојување ќе биде позитивен сигнал за отпочнување на преговорите.
„Заврши времето само на декларации и изјави. Посебно ги повикувам пратениците од најголемата опозициска партија да се престане со партиски калкулации и политиканство, со ставање на партиските и личните интереси пред интересите на државата и конечно да се вградат во законот кој што ќе значи гарантирано зголемување на правдата, гарантирано зголемување на судството и на јавното обвинителство, и да помогнат, бараме еднаш сега, да ги оствариме нашите интереси во делот на усвојување на законот и на добивање на датумот за почеток на преговорите со ЕУ“, вели Спасовски.
ВМРО ДПМНЕ тврди дека со новото зкаонско решение ќе се воскресне СЈО.
„ВМРО-ДПМНЕ воопшто не одолговлекува и воопшто нема намера да го одолговлекува овој закон, доколку се донесе и се усогласи да биде во корист на граѓаните и да биде за нивен добробит. Она што изминативе месеци, па и година дена го гледаме од страна на СДСМ е закон каде што сака повторно, сега веќе последните месеци повторно да го воскреснат специјалното јавно обвинителство односно повторно да можат да бидат штитени криминалците од СДСМ. Ние нема да дозволиме амнестија на криминалиите на Зоран Заев и владата на СДСМ кои што се огрешиле пред законот и затоа бараме закон кој што ќе биде неселективен и пред кој што ќе можат да одговараат сите граѓани, а не за некој да биде привилегија, а за некој обратното“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.
Законот влегува во собраниска процедура во вторник кога и ќе се одржи јавна расправа.
Јулијана Пешевска