
Финансискиот систем е стабилен и подготвен за економски раст
Нестабилноста што ја предизвикаа политичките превирања во април и мај е целосно надмината а финансискиот и банкарскиот систем е стабилен и нормализиран заклучи Комитетот за финансиска стабилност. Според Министерот Драган Тевдовски и Гувернерот Димитар Богов постојат минимални ризици но банкарскиот системот е ликвиден, отпорен на шокови и е подготвен да обезбеди поддршка за раст на економијата.
„Неопходно е да се врати довербата кај инвеститорите, да се зголеми побарувачката за кредити а банките се спремни и можат тие кредити да ги испорачаат но треба квалитетни проекти“, рече гувернерот Богов.
Во таа насока според Тевдовски се и податоците кои покажуваат дека за прв пат по 8 години има пад на државниот и јавен долг а повратот на ДДВ кон фирмите, вели тој, се врши брзо.
„Враќањето се врши брзо и не селективно. Во јануари февруари споредено со лани, повратот на ДДВ е зголемен за 1,4 милиони денари или за 56%, брзо се враќа ликвидноста во фирмите за да работата и да инвестираат“, тврди министерот.
Тевдовски признава дека реализацијата на капиталните инвестиции на почетокот од годинава е пониска од очекуваното, но вели се прави силен притисок врз буџетските корисници да ги засилат активностите.
„Сериозни обврски се реализираа на крајот на 2017, а ресорните министерства тековно ги решаваат проблемите кај капиталните инвестиции, како што е случајот со автопатиштата. Најважно е процесите да бидат одблокирани“, вели Тевдовски.
Иако неодамна од владата наговестија дека се планира зголемување на платата кај шумските полицајци по првиот ребаланс на буџетот, Тевдовски уверува дека во моментов не се работи на прекројување на државната каса, бидејки приходите за почетокот на годинава се солидни и обезбедуваат адекватен раст.
Виолета З. Стојановска