
Избран уставен судија и два члена на Совет на обвинители
Едногласно со 62 гласа за и 22 гласа по Бадинтеровото гласање, Собранието го избра Насер Ајдари за судија во Уставниот суд. Ајдари има богата правничка кариера: бил член и заменик претседател на Советот на јавни обвинители, јавен обвинител, а од 2013-та ја извршуваше функцијата државен правобранител. Со неговиот избор, комплетиран е составот на Уставниот суд, кој неколку месеци функционираше без тројца членови поради истек на нивниот мандат.
Исто така без расправа, Собранието ги избра Ангеле Илиевски и Ангел Солев за членови на Совет на јавни обвинители. Илиевски има зад себе 24-годишна адвокатска кариера. Солев е исто така искусен адвокат, но во неговата биографија стои дека 17 години бил судија, а потоа член на Судскиот совет. Опозицијата, која не присуствуваше на денешната седница, предлогот на Комисијата за избори и именувања го оцени како партизација, бидејќи двајцата адвокати биле членови на Правниот комитет на СДСМ. Но тие објаснија дека се работи за советодавно правно тело и дека не се членови на партијата.
Утре во Собранието се очекува продолжение на 32-та седница, на чиј дневен ред е и Законот за јазиците. Се очекува предност да им се даде на другите закони, кои останаа недонесени откако беше прекината работата по оваа седница.