По Миленков и првиот антикорупционер Тантуровски подготвува оставка

Поранешниот претседател на Антикорупциска Горан Миленков не е повеќе член на комисијата. Денеска до Собранието ја поднесе својата неотповиклива оставка. Образложение зошто се решил на ваков чекор за сега нема. Извори на Телма брифираат дека и актуелниот претседател Горан Тантуровски ја подготвува својата оставка, но се уште не е доставена до Собранието.

Денеска Тантуровски не беше достапен да објасни дали и зошто го променил својот став од пред неколку денови, дека не чуствува одговорност за расипничкото трошење на пари од буџетот а кое го откри ревизорскиот извештај на УЈП. Нема коментар ниту дали останува на ставот дека постапката во обвинителството и објавувањето на детали од ревизорите е оркестрирана хајка против институцијата.

Дел од медиумите објавија дека членови на комисијата земале пари за патни трошоци со нереални налози, а во исто време прикажувале и дека одат на работа и дека се во странство на патување. Дел од нив пак изнајмувале стан за живеење по цена три пати повисока од реалната. По допред глас за ненаменското трошење буџетски пари обвинителството експресно оформи предмет.

Инаку во составот на комисијата освен Тантуровски и Миленков  се и антикорупционерите Фарие Алиу, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили. Избрани се во април 2015 со мандат кој трае пет години.

Миленков кој прв даде оставка ќе остане запаметен по тоа што не ги давше на увид на јавноста анкетните листови за имотната состојба на функционерите во заминување, поранешниот премиер Никола Груевски и министрите Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски како и на екс началникот на УБК, Сашо Мијалков.

Актуелниот состав на ДКСК во последните неколку месеци објави дека отвора повеќе предмети за корупција за актуелни функционери. Од друга страна власта во Собранието беше подготвена дури и да го промени Законот за спречување корупција, за да може да ги разреши членовите ако тие сами не си поднесат оставка.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ