Ќе продолжат ли преговорите за законот за ЈО?

Најголемата опозициска партија е против новиот закон за јавно обвинителство,  владејачкото мнозинство бара 80 гласа за  поддршка и без нив. Дали преговорите за законското решение  кое е клучно и за евроинтеграцијата на државата, ќе се откочат и со која динамика ќе се одвиваат, треба попладнево да се договорат   Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ. Партиите денеска повторно си упатија меѓусебни обвинувања за тоа, кој го кочи законот.

Опозицијата има забелешки на начинот на избор и разрешување на државниот јавен обвинител, кој во новата верзија на законот, останува како и досега. Се противат и на „вдомувањето“ на обвинителите од СЈО, со што се  обезбедува континуитет на сите почнати постапки, вклучително и на тие  почнати по 17 јуни 2017. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на чело со Вилма Русковска треба да ги преземе надлежностите на СЈО, а не како што претходно се предвидуваше да се создаде ново обвинителство за висока корупција.

Преговорите за овој закон почнаа во март минатата година, но со месеци нема решение. Проблемот го актуелизираше новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји кој минатата недела изрази надеж, дека овој парламентарен состав ќе го изгласа законот. За тоа имаат на располагање помалку од еден месец, пред  Собранието да се распушти на 11 февруари.СДСМ бара двотретинско мнозинство и без ВМРО-ДПМНЕ, но тоа засега е неизвесно. Се преговара со осуммината пратеници од независната пратеничка група, а има најави дека ќе се бара поддршка и од пратеникот Панчо Минов, но ниту тие, ни тој, не се изјаснуваат како ќе гласаат.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ