
Град Скопје официјално ја презема Дрисла – ќе се проверува како се менаџирало претпријатието во изминатите години
Дрисла од денес повторно е јавно претпријатие. Централниот регистар официјално впиша дека се менува приватната сопственост на депонијата – сега сопственик е Градот. Градоначалникот на прес-конференција порача дека за него приоритет ќе биде најпрво промена на раководните луѓе во претпријатието.
Шилегов уште пред неколку недели му навестил на директорот Горан Ангелов дека ќе го смени. Утре тој ќе биде разрешен. Кој ќе го наследи – од Град Скопје не откриваат.
Создадени се услови во текот на утрешниот ден да биде разрешен сегашниот директор на Дрисла и да се именува нов вршител на должноста директор, а на седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари ќе бидат избрани нов Управен и Надзорен одбор на сега веќе новото јавно градско претпријатие за управување со комунален отпад. изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Шилегов ќе почека до официјалното именување на наследник на Ангелов на директорската позиција за потоа да открие како се работело во Дрисла во претходните години. Името на Ангелов деновиве е спомeнувано во јавноста поради наводна поврзаност на негова фирма во Бугарија со увезување на опасен отпад кај нашите соседи.
Неговото работење како директор на Дрисла од финансиски аспект како и начинот на депонирање и управување со отпадот во претходните години ќе се најде под лупата на градските власти.
Сите коишто имаат определени сознанија за евентуални можни нерегуларности, да ги размениме за да дојдеме до утврдување на фактичката состојба. Очекувам дека фактичката состојба – и со финансиското работење меѓутоа и со начинот на управување со отпадот на депонијата Дрисла ќе биде многу брзо утврден и ќе имаме заеднички ангажман и на Градот Скопје и на надлежните институции, а очекувам и на граѓанските асоцијации. изјави Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Пред девет години во мандатот на тогашниот градоначалник Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, Град Скопје се договори со италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ да биде концесионер на депонијата Дрисла во наредните 35 години.
Второпласираната фирма на тендерот, германски „Шолц“ тогаш се жалеше пред судовите.
Сегашниот градоначалник Шилегов уверува дека враќањето на Дрисла во владение на Град Скопје не може во иднина да биде предмет на тужба за надомест на штета од оштетени страни.
Петар Догов