
Субвенционирање на струјата во Битола би ја коштало државата 8.7 мил. евра
8,7 милиони евра би ја чинело државата субвенционираната струја за битолчани според пресметките што ги направи граѓанската иницијатива БИСТА од Битола. По добиените податоци од надлежните институции, тие направија анализа за моделот што го предлагаат – домаќинствата од Битола, Могила и Новаци да имаат целодневна евтина тарифа, а индустријата 30 проценти поевтина електрична енергија. Велат на овој начин ќе се поттикнат граѓаните наместо на огревно дрво да се затоплуваат на струја, со што би се намалило енормното аерозагдување во Битола
„Согласно моделот, доколку таа висока тарифа би се преполовила, тоа би било 5 милиони евра, субвенцијата во индустријата од 30 проценти би било 1, 9 милиони евра. Тоа е 6,9 милиони евра. Тука е пресметена и зголемета потрошувачка од 25 проценти, добиваме сума од 8,7 милиони евра годишно кои што државата треба да најде начин ккао ќе ги обезбеди за да ја исправи децениската неравда спрема жителите на овие три општини“, вели Драган Вељанов од БИСТА.
Со согорувањето на огревно дрво кое има висок процент на влажност, домаќинствата во Битола учествуваат со 70 проценти во аерозагадувањето на градот, покажа истражувањето на географското друштво Геосфера. Влажното дрво што се доставува до граѓните, создава огромни количини на токсичните ПМ честички, а за намалување на загадувањето од Геосфера предлагаат до граѓаните да се доставува исклучиво сертифицирано суво огревно дрво, со што загадувањето на воздухот во зимските месеци би се намалило за 50 проценти.
„Решението го гледаме во малку поголема агилност на шумските претпријатија,а тоа е поврзано со некои законски регултативи кои ќе ги обврзат да ја мерат влжноста на дрвото, да не дистрибуриаат дрва кои што имаат влажност над 20 до 25 проценти влага. Сечењето на огровно дрво да се реализира во пролетните месеци, затоа што според она што го истражувавме, за природно да се исуши дрвото потребни се миниму 12 месеци“, изјави Мите Ристов од Геосфера.
Овој предлог на Геосфера како и други мерки што ги предлагаат за намалување на аерозагдувањето, веќе се дотавени до општина Битола, од каде велат дека се разгледуваат. Граѓанската иницијатива БИСТА, откако ќе ја изработи конечната верзија на моделот за субвенционирана струја, ќе ја стави на увид на јавноста и ќе ја достави до надлежните институции.
Емилија Мисирлиевска