
Сушата ги испразни системите за наводнување – во опасност житниот род
Празните брани и ниските водостои на реките во источниот регион ги мачи земјоделците, но и комуналните претппријатија кои ги снабдуваат градовите и селата со вода за пиење. Минималните врнежи од дожд и снег веќе се чувствуваат и на подземните води.Градот Кочани две години нема рестрикции на вода во текот на летото, но лани во октомври алармантно било намалувањето на подземните води во бунарите, во тој момент спас им биле ниските температури, кои ја намалиле потрошувачката на вода. Сушата во овој период од годината ги загрижува, па затоа и планираат инвестиција во нов бунар.
Браната Калиманци, која дава живот и ги наводнува нивите од виничко, па се до Овче Поле е полна само 27 проценти. Надлежните од Водостопанство Брегалница ги загрижува што подземените води се спуштени, а дотокот е минимален.
- Состојбата е иста секаде на Балканот. Потребен е период на обилни врнежи за да се наполни браната. Слична беше состојбата пред три години, но тогаш не спасија врнежите во јануари и февруари и подготвени ја пречекавме сезоната за наводнување, велат во Водстопанство „Брегалница“.
Земјоделците стравуваат дека сушата ќе удри врз приносите на житните култури. Сеидбата ја завршија во ноември и декември, засега велат дека рано е да се бара прогласување на елементарна непогода.
Справувањето со климатските промени во источна Македонија се гледа во изградба на нови брани и санација на постојните системи за наводнување, а општините во реконструкција на старите водоводни мрежи, но и во нови бунарски системи или брани, кои ќе ги снабдуваат градовите и селата со вода за пиење.
Викторија Јованова