Трипуновски со камера упадна во подрачна единица на земјоделие

На оригиналната снимка која ја објави дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски се гледаат и лицата на вработените во подрачната единица на министерството за земјоделство во Берово. Телма ги замати лицата откако претставници на Дирекцијата за заштита на лични податоци велат функционерот има право да проверува дали државните службеници работат, да го снима тоа, но не и јавно да го објавува. Целта според Трипуновски кој им објаснува на вработените дека „земјоделците плачат од нив“ е да профункционира државата, а заменик-министерот ги прекинува вработените кога се обидуваат нешто да одговорат на неговите прашања.

Државните институции и ресорното министерство на Трипуновски ги осудија постапките на дополнителниот заменик министер како притисок врз државната администрација познат од блиското минато.

  • Овие постапки не се пракса на функционирањето на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, туку се личен акт на Трипуновски со кој не се согласуваме и остро го осудуваме, реагираат од Реакција на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
  • Упад  во подрачната единица на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство од страна на дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски, го осудуваме и повикуваме притисокот врз јавната администрација да остане во минатото. Во таа насока, повторно ќе биде објавена алатката за пријавување на притисок на работно место, соопшти министерот за информатичко општество и админстрација Дамјан Манчевски. 

По негативните реакции преку нов пост се јави Трипуновски кој тврди дека нема мобинг во неговата постапка туку снимката е јавен интерес заради земјоделците. Се потпиша како министер.

  • Гледам многу нервоза и хистерија на Бихаќка! Па како и нема да има кога нивните функционери се фатени за време на работно време со нозете во вис! Дел од моите работни активности како министер е и контролата врз вработените и работните простории. Жалење за нехуманиот однос на локалните функционери кон земјоделците, добив од фармерите. И тоа што ми го кажаа и го воочив и сам, а камерата го документираше. Јавен интерес е оваа снимка да биде објавена.

СДСМ преку соопштение тврди дека упадот на Трипуновски на граѓаните им покажува што значи враќањето на режимот, додека од партијата која го номинираше Трипуновски велат дека тој си ја работел работата и затекнал неработници.

По снимени видеа за контрола на работи во државните служби и на проекти, во изминатиот период многу активен беше вицепремиерот Бујар Османи, а исти такви видеа често правеше и екс премиерот Никола Груевски. СДСМ пак исто така објави повеќе видеа со 30 прашања за свои функционери во нивните кабинети.

Миомир Серафиновиќ

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ