
Со новиот закон за ЈО се зголемува тимот на Русковска
Ќе се зголемува тимот од обвинители во организиран криминал и ова обвинителство ќе ја преземе надлежноста од СЈО. Ова го предвидува драфт верзијата на законот за јавно обвинителство до која дојде Телма.
Она што вчера беше спорно за опозициската ВМРО ДПМНЕ всушност е содржано во членовите 108 и 109. Во 108 се вели дека обвинителството на Вилма Русковска ќе ги преземе надлежностите врз поранешното СЈО, а специјалните обвинители и понатаму ќе постапуваат по предмети предадени од јавното обвинителство. Во член 109 пак, е предвидено во рок од месец и половина од донесувањето на законот, да се распише оглас за нови обвинители во Организиран криминал и корупција.
Член 108 и 109
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема надлежностите од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, согласно Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во рок од 30 дена од влегувањето во сила на овој закон, Советот на јавните обвинители на Република Македонија по предлог на јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката од ставот (1) на овој член, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија ќе распише оглас за избор на јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Телма побара став од првите луѓе и на советот на обвинители и на обвинителствата за ваквиот предлог. Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски вели дека предлогот не го видел, но дека e добро партиите да се консултираат и со стручната јавност. Во меѓувреме вели дека без разлика на овој предлог закон е распишан оглас за тројца обвинители кај Русковска.
Државниот овинител Јовевски пак не сака да коментира додека не го види предлогот, но за сега не е испратен до него. Русковска не одговара на пораките. Инаку познавачите за Телма велат дека интенцијата е поранешните обвинители на СЈО да конкурираат токму за огласот кој би бил распишан и на овој начин да се задржи континуитетот на истрагите и предметите кои ги работеше СЈО.
Партиите кои со месеци не можат да се договорат потврдуваат дека од понеделник е можно да има нова рунда преговори.
За техничкиот премиер Оливер Спасовски доколку за брзо време се дојде до решение ќе се испрати добра порака за напредок
Сепак Времето за договор е кратко со оглед на фактот што предвремените избори ќе се распишат на 12 февруари. За негово усвојување потребна е подршка од 80 пратеници. Иако не е услов за почнување преговори со ЕУ, сепак пораките секогаш беа дека мора да се работи на негово донесување.
Билјана Николовска