
ОЈО бара притвор за заканувачот Јакимовски
Поранешниот вработен во Централен Регистар, Емил Јакимовски, кој им се закануваше и ги навредуваше новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска , како и директорката на ЦР, Марија Бошковска-Јанковски, е изведен пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд, а обвинителството бара притвор за него.
- ОЈО-Скопје поведе постапка против едно лице за сторено кривично дело-загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство, загрозување на сигурноста по пат на информатички систем, како и неизвршување на судска одлука од член 377, став 5. Ценејќи ги сите околности во предметот, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд –Скопје, ќе достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, се вели во соопштението на ОЈО.
Емил Јакимовски вчера беше приведен и однесен на распит во полициска станица , по претходна пријава за семејно насилство, за која е условно осуден и ако го повтори делото во наредните 3 години, го чека затвор во траење од 1 година. Неофицијално, Јакимовски вчера бил пријавен и за други закани и насилство. Освен навредите врз новинарките Јордановска и Коровешовска, на социјалните мрежи, што ги осудија од Самостојниот новинарски синдикат и од ЗНМ, Јакимовски, кој е поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ, испраќал закани и до градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Тој доби отказно решение од Централен регистар поради рушење на угледот на институцијата и одредбите од договорот за работа. Директорката Марија Бошковска-Јанковски изјави дека се сомневаат дека Јакимовски ја хакиран ФБ страницата на ЦР минатиот викенд, зашто, тој ја креирал пред 10 години кога работел во секторот за маркетинг и односи со јавност. При тоа, тој напиша навредливи коментари за директорката, а таа поднесе поплака против него.
Сотир Трајков