
Невладините бараат поништување на лустрацијата
Неопходно е поништување на лустрацијата. Жртвите од злоупотребениот лустрациски процес треба да добијат надомест за претрпената неправда. Со ваков став, групата невладини организации Блу принт го повика Јавното обвинителство да реагира по допрен глас и да побара одговорност од Комисијата за лустрација. Граѓанскиот сектор ја потсетува власта дека со Стратегијата за реформи на правосудниот сектор се обврза да донесе ваков закон уште во 2017-та.
До 2015-та, Комисијата за лустрација провери 30 илјади кандидати за јавна функција. Над 200 угледни личности, од кои половината веќе починати, беа прогласени за соработници со безбедносните служби. „Извештајот на Прибе“ препозна исполитизираност на процесот и сугерираше повлекување на законот. Комисијата беше укината, дел од нејзините решенија паднаа пред Управниот суд, а неколку и пред Судот во Стразбур. Владата предложи Закон за поништување кој вклучува и обештетување, но опозицијата се спротивставува барајќи прво правда за жртвите од комунистичките кодоши.
Соња Николовска