Меркел се надева на преговори за Македонија и Албанија во март

Проширувањето на Унијата со Македонија и со Албанија треба да оди во пакет, но во самиот процес двете земји треба да се движат одделно. Германската канцеларка Ангела Меркел овој став го изнесе по средбата со хрватскиот премиер при што изрази надеж дека ќе биде постигнат напредок околу методологијата и договор до март.

„Сметам дека Албанија и Северна Македонија припаѓаат кон истата група. Ги имаме Србија и Црна Гора, Северна Македонија и Албанија, и конечно ги имаме Босна и Херцеговина и Косово- каде имаме една поинаква ситуација. Затоа сметам дека доколку сме фер, обете земји треба да започнат преговори, но притоа да следат различни патеки, затоа што секој треба да биде оценуван според сопствените успеси“, рече Ангела Меркел, Канцеларка на Германија.

За Меркел самитот ЕУ – западен Балкан во Загреб е значаен во контеккст на отпочнување на преговорите со Македонија и Албанија.

„Германија е подготвена да тргне по тој пат и сакаме заеднички да напредуваме“, рече  Ангела Меркел, Канцеларка на Германија.

Според неа старт на преговори со Скопје и Тирана ќе биде важен сигнал за регионот.

Пленковиќ кој откако Хрватска го презеде претседавањето со Унијата на 1 јануари во неколку наврати повтори дека очекува зелено светло од Европскиот совет за двете земји оваа пролет.

„Самитот во Загре треба да има политички карактер и кој, со освежената методологија на преговарачкиот процес, треба земјите од регионот  постепено да ги подготвува за пристапување, на начин со кој  точно ќе знаеме со која динамика, со исполнување на критериумите, тие ќе се движат кон ЕУ во годините пред нас“, изјави Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска.

Според Пленковиќ Самитот во Загреб треба да и даде на ЕУ одговорност за земјите од регионот.

 

Тамара Грнчароска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ