Орце Камчев и Цветан Панделески со своја фирма од Бугарија си ја купуваат „Пелагонија енерџи“

Орце Камчев односно Орка Холдинг и Цветан Панделески со своја фирма од Бугарија си ја купуваат Пелагонија енерџи, која пак е во сопственост на нивниот Земјоделски комбинат Пелагонија. Предлог-одлуката е објавена на сајтот на берзата, а треба да се усвои на акционерското собрание на ЗК Пелагонија закажано за 20-ти февруари. Понудената цена е 23 и пол милиони евра. Пелагонија енерџи произведува електрична енергија од органскиот отпад кој го произведува комбинатот Пелагонија и има позитивна и вносна иднина во енергетскиот бизнис. Уште во август беше објавено дека ЗК Пелагонија сака да ја продаде својата фирма ќерка енерџи. Во комбинатот, и Орка Холдинг и Цветан Панделевски имаат по 20 проценти од акциите и поради тоа нема да учествуваат во гласањето на предвиденото акционерско собрание бидејќи истите тие двајца ја поседуваат бугарската фирма Тиор која сака да го откупи енергетскиот производител. На тој начин сопствениците ќе останат исти, освен што сега наместо во Македонија, сопственичките права и профитот Камчев и Панделески ќе ги ползуваат и користат од адреса во бугарскиот главен град Софија. Покрај тоа со продажбата „сам на себе“ Камчев и Панделески преку Пелагонија енерџи ќе бидат и сопственици на дел од млекарата Здравје Радово , како што стои во податоците на централниот регистар.

Сега за оваа атрактивна бизнис зделка ќе одлучуваат останатите акционери во ЗК Пелагонија а 40 одсто од акциите на Панделески и Орка нема да имаат претставник на собранието. 30 одсто од акциите во ЗК Пелагонија поседуваат вкупно 637 акционери и фирми. Нивниот процент на сопственост е помал од 5 одсто од вкупната вредност на комбинатот. Најголемиот процент од над 22 проценти во Пелагонија има компанијата Софија градба во чија сопственост пак влегува синот на Сашо Мијалков преку Бест веј инвест, а над 7 проценти удел  има и Ненад Јосифовиќ.

Сите имиња на големите акционери во ЗК Пелагонија покрај поранешното блиско другарување во бизнисот но и надвор од него ги поврзува уште една работа. Истрагата на СЈО Империја која сега е префрлена во редовното обвинителство. Од Империја произлезе и случајот Рекет, во кој Камчев е оштетен и сведок, а обвинети за земање на милион и пол евра од бизнисменот се Катица Јанева и Бојан Јовановски. Во истрагата Империја од СЈО најавуваа дека ќе ја вклучат и фирмата ЗК Пелагонија која сега ја продава својата фирма за 15 пати поскапа цена од изнудениот рекет. Од обвинителството не ни одговорија до каде е истрагата Империја и дали ЗК Пелагонија е вклучена во неа. Зделката меѓу бугарски Тиор и македонска Пелагонија, иако и двете имаат исти сопственици ќе биде реализирана кога фирмата која се продава Пелагонија енерџи ќе ги врати долговите на скопската Стопанска банка и на НЛБ Банка.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ