Нема поместување на позициите на ВМРО ДПМНЕ И ДУИ за Законот за јазиците

Нема поместување на позициите на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, по денешната средба меѓу претседателите Христијан Мицкоски и Али Ахмети. На двочасовната средба, на која се разговарало за евроатлантските интеграции на државата, политичката ситуација и реформските процеси, за кои Мицкоски ветил поддршка, неизбежно се наметнала и темата – Закон за употреба на јазиците, за кој ВМРО ДПМНЕ поднесоа над 35 илјади амандмани, но тука секој останал на своите позиции.

На новинарско прашање, кога ќе се вратат во собраниските клупи, Мицкоски одговори дека, имаат и математичка и политичка причина, тоа да не се случи. Математичката е што 12 проценти од пратеничката група е во притвор, а за начинот на кој беа приведени  сè уште никој не понел одговорност, а политичката е недостатокот од демократски амбиент во државата, за што е одговорна исклучивовладата.

Ахмети пак, рече дека, уште на конгресот на ВМРО ДПМНЕ, пред два месеци е забележана промена во реториката на оваа партија кон Албанците и се надева дека така и ќе остане. И двајцата претседатели изјавија дека, ваквите средби треба да продолжат и во иднина, за да се подобри довербата меѓу Македонците и Албанците во Македонија.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ