Нови обиди за Законот за обвинителство

Вчерашната посета на еврокомесарот Вархеи отвори уште една шанса за Законот за обвинителство, со оглед на очекувањето да биде изгласан од овој парламентарен состав. СДСМ и Владата најавуваат  ангажирање за изнаоѓање заеднички јазик со другите партии, ВМРО ДПМНЕ е  расположена за разговор, а спикерот Талат Џафери ги повика да излезат од своите ровови. Законот е во собраниска процедура, но нема поддршка од најмалку 80 пратеници.

Владата почнува со нови интензивни обиди за обезбедување поддршка за нов Закон за обвинителство. Советникот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, вели дека следува период на разговори со сите партии и со сите пратеници и дека ќе се настојува законот да биде донесен од овој парламентарен состав.

            -Не можам да кажам дали ќе се обноват разговорите во работните групи, но ништо не е исклучено. Не се откажуваме од нов Закон за обвинителство и ќе вклучиме секакви форми на лобирање за да овозможиме законот да биде донесен до распуштањето на Парламентот, вели Бојан Маричиќ, Советник во Владата.

            Во ВМРО ДПМНЕ има расположение за нови разговори. Сметаат дека има и мали шанси за успех.

            Спикерот Талат Џафери рече дека Собранието може да работи и дење и ноќе за да го донесе законот, но прво партиите мора да ги надминат разликите.

Од Министерството за правда велат дека ова прашање станува тест за патриотизам. Потсетуваат дека Законот е доставен до Собранието и дека би сакале пратениците да го гласаат мотивирани од европската иднина на државата, а не од личните интереси на оние што сакаат да избегаат од правдата.

            Според вицепремиерот Бујар Османи, овој закон е клучот што ќе ја отвори вратата кон Европа.

            Законот за обвинителство не е услов за почнување преговори со ЕУ, но би било добар знак дека земјата ги спроведува неопходните реформи, им укажа вчера еврокомесарот Оливер Вархеи и на партиите и на Владата и на Собранието.

            Партиите преку работни групи неуспешно го усогласуваа законот цела година. СДСМ го обвинуваше ВМРО ДПМНЕ дека го попречуваат законот со барања за амнестија на криминалците од нивните редови, а опозициската партија возврати дека владеачката го изгубила интересот откако Јавното обвинителство ги презеде предметите од СЈО. За донесување на Закон за обвинителство се потребни најмалку 80 пратенички гласови.

            Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ