
Вархеји бара законот за Јавно обвинителство да се донесе до изборите
Европската комисија повторно ќе предложи отпочнување на преговори со Македонија, за што подготвува нов пакет за унапредување на процесот на проширување. Еврокомесар Вархеји, денеска од Скопје порача дека новиот пристап мора да биде кредибилен, попредвидлив, но и пополитички, пообјективен и со поголема динамика.
„Тоа исто така значи дека ние треба да имаме и позитивна одлука од Европскиот Совет за отворање на преговори за пристапување пред Самитот во Загреб оваа година, кој треба да се одржи во мај“, изјави Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување.
Вархеји информираше дека минатата недела разговарал со француските власти околу нивните услови и се надева дека предизвиците ќе бидат надминати и ќе се донесе позитивна одлука. Тој побара и земјава да упати позитивен сигнал до земјите-членки преку продолжување на реформите.
„Приоритет треба да му се даде на новиот закон за Јавно обвинителство. Се надеваме дека тоа ќе може да биде направено од страна на ова Собрание, што би бил добар знак упатен до нашите земји-членки“, рече Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување.
Според него клучно е и опстојување на националниот консензус за членство во ЕУ, но и спроведувањето на Договорите со Грција и со Бугарија без оглед која и да биде следната влада.
Тој информираше дека побарал од Европскиот парламент да ја награди земјава со 50 милиони евра за резултатите во искористување на европските фондови.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски кој му беше домаќин на Вархеји пак очекува Унија да ја исправи својата грешка кон земјава и уште оваа пролет да ги почне преговорите со неа. Од политички фактори во земјава пак побара да не го доведат во ризик пристапувањето во ЕУ, но и во НАТО.
„Треба да ни биде јасно дека секоја постапка, секоја изјава која ги доведува под прашање остварените достигнувања во односите со соседите, нашите домашни и меѓународни обврски, ја загрозуваат и ја ставаат под знак прашање и нашата евроатлантска перспектива за која одамна имаме национален конснзус“, рече Оливер Спасовски, технички премиер на Македонија.
Вархеји освен со Спасовски денеска разговараше и со претседателот Пендаровски, првиот парламентарец, Џафери, но и со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНе, заев и Мицкоски.
Тамара Грнчароска