
Комората на сметководители незадоволна од воведувањето образец за данок на добивка
Комората на сметководители е незадоволна од воведувањето нов образец за данок на добивка. Велат, во ек на подготовки на завршните сметки, дополнително се оптеретени со адаптација на промените, но и се отвора простор за правење грешки кај даночните обврзници. Од Комората, се пожалија на подигањето на прагот на ослободување од царина, за пратки од 45 на 90 евра, со што, според нив се поттикнува сивата економија во земјава. А, реагираа и на новата обврска за пополнување на Регистарот на вистински сопственици , кој стартува од февруари, што, како што рекоа, не треба да биде нивна обврска.
Пополнувањето на новиот образец за данок на добивка што го воведе Министерството за финансии , сега кога се подготвуваат завршните сметки, може да предизвика низа проблеми кај даночните обврзници, велат од Комората на сметководители.Тие стравуваат дека при брзите промени може да настанат грешки кои потоа даночните обврзници многу ќе ги чинат.
- Не се дава шанса на даночните обврзници да реагираат, односно да спроведат квалитетно даночно планирање на почетокот на периодот, како што би можеле да ги предвидат импликациите од ваквите политики. Понатаму, што е исто така интересно, во овој најстресен дел од годината , дел од електронските системи на УЈП воопшто не работат, па често колегите сметководители се соочени со проблем , кои и онака се во недостаток на време, да мораат да поднесат поднесоци на хартија, вели Благоја Грозданов, член на УО на Комората на сметководители
Од Министерството за финансии велат дека измените ќе им ја олеснат работата на сметководителите.
- До 15 март, даночните обврзници имаат доволно време да го поднесат образецот за даночен биланс. Тоа е извештај и со него не се менува законот. Со новиот даночен биланс значајно се прецизираат даночните позиции, што е секако форма на олеснување на сметководителите, велат од Министерството за финансии.
Од Комората реагираа и на подигањето на прагот на ослободување од царина, на пратки од 45 на 90 евра. Оваа мерка ќе ја поттикне сивата економија, сметаат тие.
- Можно е да се врши препродажба на продукти, кои ќе влегуваат во нашата земја за многу пониски цени од оние на домашните производители, вели Беким Есати, член на УО на Комората на сметководители.
Од Финансии со спротивен став . Тврдат дека ќе се намалат мотивите за избегнување на плаќање увозни давачки и дека стоките ќе влегуваат по регуларен пат.
И пополнувањето на новиот Регистар на вистински сопственици, кој стартува од февруари, што треба да даде реална слика за сопственоста во удели и акции, не им е во прилог на сметководителите. Но, од Централен регистар велат дека пополнувањето на пријавите не е обврска само на сметководителите, туку на овластените лица за застапување, кои можат да овластат и други лица во нивно име, да поднесат пријава.
Сотир Трајков