Балканска турнеа на охрабрувања на комесарот Јункер

Ако некој критериум сите Балкански земји го исполнуваат, тогаш тоа се срдечноста и гостопримливиот пречек. Турнејата на Јункер на Балканот, можеме слободно да ја наречеме, турнејата на бакнежи и охрабрувања. Јункер имаше пофалби и охрабрување на целата шесторка, иако, некаде беше построг во нотирање на конкретните проблеми со кои секоја земја мора да се нафати.

Но, сличностите на земјите од Западен Балкан не завршуваат тука. Околу сите останати теми кои ја тангираат стратегијата за проширување на Западен Балкан, под капата на комесарот Јункер, од реформи, до корупција, од правна држава до слободни медиум, како и нерешените меѓусебни конфликти, речиси сите земји далеку каскаат зад европските стандарди и критериуми.

Мора да нагласиме, дека тоа што првата етапа од турнејата на Јункер беше токму Скопје, комесарот сакаше да испрати една симболична порака дека новите почетоци и закопувањето на старите рани на Балканот, не само што се возможни, туку и се неопходни за напредок.

„Оваа внатрешна форма на помирување беше импресивна. Договорот со Бугарија беше уште една совладана препрека на вашиот пат за членство кон ЕУ. Реформите секако, иако треба да бидат завршени, затоа што се ова ќе се оценува врз основа на заслуги, се импресивни. Затоа, не се грижете, но продолжете“.

Јункер е задоволен од Македонија и си замина со еден вид на ветување дека Скопје и Тирана ќе добијат препорака за датум за почеток на преговори. Тоа за што Јункер не сака да гарантира е провизорниот датум за влез во ЕУ, годината 2025, за која нагласи дека е само одредница, и дека пред брзината сака да виде квалитет, а пред датумите, да види суштина.

Според Јункер, Скопје таа порака добро ја разбира, за разлика од Тирана. Од Албанија Јункер порача дека граничните спорови мора да се решаваат пред влезот во ЕУ, нешто што важи за сите аспиранти членки.

„Ја охрабрувам Албанија да ги спроведе клучните реформи кои веќе почнаа во однос на борбата против криминалот, проверките на интегритет на фунцкионерите, и организацијата на судовите и трибуналите. Ќе бидеме покрај Албанија, да и помогнеме на Албанија кон членството“.

Од Тирана за Белград, Јункер кажа дека не доаѓа во инспекции, и нема намера да дели лекции, дека ЕУ е повеќе од само економски конгломерат, туку пред се, една заедница на вредности.

Комесарот јасно му пренесе Вучиќ дека Србија мора да постигне правно обрзувачки договор со Приштина.

„Сакаме Србија да ги нормализира односите со Приштина, преку правно обрзувачки договор. Не е до нас да дефинираме кои би биле точките на тој договор, која е целта на неговите обрски, тоа треба да биде решено меѓу Србите и Приштина“.

Во Косово Јункер се осврна на потребата Приштина да го донесе законот за демаркација со Црна Гора, ако сака да се надева на визна либерализација. И потсети, дека косовско-српскиот договор е единстевниот пат кон ЕУ.

„Истотака, сакаме во релациите помеѓу Косово и Србија да видиме нов почеток. Од витално значење е Косоварите и Србите да пронајдат правно обврзувачки договор со што заеднички би се движеле кон повеќе Европа во Косово“.

Со секоја земја, покрај посебните недостатоци и карактеристики на реформските процеси, Јункер имаше можност да се запознае и да ги адресира и глобалните проблеми во регионот, и дека на некои прашања како односите со соседите, Цргна Гора е пример за сите останати
Дури и нефункционланата федарација на БИХ успеа во одреден напредок. При посетата на Јункер, Сараево му ги предаде одговорите на европскиот прашалник.

Турнејата на Јункер и официјално заврши во Софија, кај актуелниот претседавач со ЕУ, и главен спонзор на проширувањето на Западниот Балкан. Тука Јункер даде и една завршна оценка од турнејата.

„Дозволете ми да потсетам дека земјите кои што сакаат да се приклучат на ЕУ, ќе мора да ги исполнат сите критериуми, сите услови кои се дел од простапниот процес во ЕУ, и нема да навредам ниедна земја, како кажам дека ниедна земја се уште не ги исполнува условите за членство“.

Како што ќе каже Вучиќ, Јункер зборува без влакна на јазикот, многу фали, многу охрабрува, но и бара да види реални резултати, и најважно од се, ништо не ветува. Се е во рацете на балканските земји.

Но, тоа е еден дел од вистината. Многу од земјите играат на геостратешката карта, некои други се мачат со деструктивните сили во општестовото и политиката, но сите се трудат да се покажат како послушни ученици. Работата е што успехот во интеграциите ќе зависи од заедничкиот напор на целиот регион, но и на целата ЕУ, која си дозволи продолги години да ја фаворизира стабилноста и конзервацијата, пред демократизацијата и вистинските реформи.

Солидарноста во ЕУ недостасува, далеку сме од европскиот дух по падот на Берлиснкиот Ѕид, и заморот од проширување е реален проблем. Со други зборови додека Русија и Кина притискаат на Балканот, Европа мора да разбере дека Западен Балкан е пред се една долгорочна европска инвестија.

А земјите од Западен Балкан конечно да сфатат дека треба да ги засукаат ракавите, да се фатат за работа и да ги спроведат суштинските реформи кои се во нивен интерес и во интерес на нивните граѓани.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ