Ослободителна пресуда за лекарите обвинети за лекарска грешка во третманот на Боро Стаиќ

Со ослободителна пресуда заврши третото судење во Охридскиот суд на двајцата лекари обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето во случајот на Боро Стаиќ, момчето кое  го скрши рбетот по пад во Охридското езеро во 2012 година и остана доживотно парализиран.

Обвинителството ги товари двајцата лекари за сериозни пропусти во лекувањето на Стаиќ, затоа што го пуштиле дома  со дијагноза пијанство, наместо да го лекуваат, но за судот нема докази дека лекарите го сториле кривичното дело.

-Доказите не го потврдија делот од обвинението каде стои дека поради ваквите пропусти и нестручност на двајцата обвинети е нанесена тешка телесна повреда на оштетениот која е изразена како оштетување на 4-ти и 5-ти вратен пршлен и повреда на рбетниот мозок, рече Бојан Мартиноски, судија во Основен суд-Охрид.

Во завршните зборови двајцата адвокати на обвинетите лекари побараа ослободителна пресуда, со образложение дека случајот бил пријавен во итната помош како пијанство, па од таму тие не знаеле дека се работи за повреда.

Адвокатот на Стаиќ и обвинителството бараа осудителна пресуда  затоа што лекарите отстапиле  од правилата и стандардите на медицината, по што дошло до дополнително влошување на здравствената состојба на сега 25-годишниот Боро Стаиќ.

-Судот трепат носи ослободителна пресуда со исти докази и со иста аргументација дека во дел прифаќа она што вештите лица го кажаа а дел не прифаќа иако јасно беше укажано дека лекарската грешка на докторите е во причинска врска со штетните последици кои настанале, рече Стојанче Арнаудоски,  обвинител во ОЈО Охрид.

Обвинителство по третпат ќе ја обжали пресудата пред Апелациониот суд во Битола, кој во два наврати  поради суштиснки повреди во постпката, ја враќа на првостепениот суд.

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ