
Пазарџиите со нов протест, бараат поевтин паркинг
Зеленото пазарче и денеска остана празно. Наместо на работа, пазарџиите излегоа на улица. Втор ден со блокада на дел од булеварот „Кирил и Методиј“ го изразија своето незадоволство од поскапувањето на паркингот. Велат дека тие не им сметаат на станарите од околните згради затоа што паркинг место има за сите.
Од јавното претпријатие „Паркинзи на општината Центар“ остануваат на ставот од вчера. Велат дека овие пазарџиите треба да ги прифатат новите мерки за решавање на проблемот со паркирањето затоа што е во полза на сите и дека за нивната одлука добиле поддршка од Центарци.
- Со воведувањето на овие мерки р ќе стави крај на неправилностите кои се случуваа години наназад и ќе направи ред во паркирањето давајќи приоритет на жителите кои живеат во опфатот на паркиралиштето „Аутомакедонија“, велат од ЈП „Паркинзи на општина Центар“
Ваквото објаснување е неприфатливо за пазарџиите. И денеска побараа враќање на старите цени, односно, наместо сегашните 70 денари за час, и натаму да плаќаат по 40 . Тие велат дека сега им се зголемени и месечните карти за паркинг, и тоа двојно, па така, наместо поранешните 800 денари, од септември 2019 година плаќаат по 1.500 денари. Ако надлежните не одговорат на нивните барања за враќање на старите цени за паркинг предупредија дека ќе продолжат со блокадите.
Теодора Цветковска